Со максимална ангажираност на четири машини синоќа кусо пред полноќ беа пробиени лавините што паднаа во близина на Бигорскиот манастир, на патниот правец Дебар – Маврово, делница Дебар – Жировница.
– Стануваше збор за три лавини, една поголема и две помали, пред и по бензинската пумпа кај Бигорски манастир, кои на коловозот донесоа над 1500 кубни метри снег, дрвја и камен. Најпрво беа пробиени наносите, а потоа и исчистен материјалот, изјави за МИА Деар Лиманоски, раководител на дебарската секција на „Македонија пат”.
Градоначалникот на општина Маврово и Ростуше, Медат Куртовски, на чија територија е овој дел, вели дека веднаш по добиената информација биле преземени потребните активности.
-Лавините паднаа околу 20.40 часот. Веднаш заминавме на самото место со машината со која располагаме како општина. Се обративме до Бигорски манастир, од каде, како и секогаш, ни излегоа во пресрет и пуштија машина. Беше вклучена и дебарската секција на ЈП „Македонија пат”, а потоа и машина на компанијата „Кнауф Радика”. Искажувам голема благодарност на сите ангажирани, изјави за МИА, Куртовски.
Додава дека за среќа е избегната трагедија.
-Една од лавините зафатила едно возило од кое еден од патниците беше со лесна повреда на ногата. Не сакам ни да помислам каква трагедија можеше да се случи, рече тој.
Поради лавините, сообраќајот беше целосно во прекин. Локацијата каде што беа паднати лавините е позната по вакви појави, но, за среќа, досега не се регистрирани несакани последици.
Поширокиот Дебарски Регион, општините Дебар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, вчера попладне беа зафатени со обилни снежни врнежи.