Карта во еден правец е чекор на кој се одлучија повеќе жители на неколкуте општини од Тиквешијата и решија да заминат од земјава и својата среќа да ја побараат на друго место.
Никој не знае точно колкав е нивниот број. Но, многупати во друштво се редат куќите, домаќинствата, фамилиите, од кои, ете, некој заминал по белиот свет. За ова, меѓу другото, стана збор и на панел-дискусија што неодамна се одржа во Кавадарци, а на која присуствуваше и МИА.
– Миграциите и враќањето можат да донесат многу позитивни нешта овде, особено во локалните средини. Во поглед на пристапот кон работата, нови идеи, иновации. Искрено се надевам и верувам во тоа дека барем половина од овие млади луѓе кои заминаа надвор дека ќе се вратат назад и дека сето тоа ќе го направат овде со новите идеи. Меѓутоа, во рамките на теоријата, главно кога работната сила ја напушта земјата и оди во други поразвиени региони, капиталот оди во развиените региони. Развиените региони стануваат уште поразвиени. Шансите неразвиените региони да останат неразвиени се уште поголеми. Поради тоа што заминуваат вообичаено луѓе со високи квалификации, со познавање јазик, си одат луѓето кои лесно наоѓаат работа надвор, а тоа се токму тие. Така што земјата се лишува од многу значајни човечки ресурси кои би го воделе развојот понатаму. А особено кога станува збор за млада работна сила, капацитетот на старата генерација со текот на времето опаѓа. Колку ние ќе го признаеме тоа или не, потребна е обучена, млада работна сила, која ќе ги заземе клучните позиции во општеството. Без тоа развојот е просто невозможен понатаму, изјави Милева Ѓуровска, професорка на Филозофски факултет и претседателка на Европското движење во Македонија.
Во меѓувреме, Здружението на граѓани „Ековита” од Неготино спроведе интересен проект, со кој се обучија десет млади од нашата земја да произведуваат печурки буковки, со крајна цел, во иднина тоа да биде нивен мал семеен бизнис и иднината да ја градат тука, а не во странство. Пет од невработените млади се неготинци, а останатите пет од Дебар.
– Активностите беа насловени „Од органски отпад до здрава храна” и ги реализиравме во рамките на проектот на Мрежата за рурален развој – „Градење на капацитетите на Мрежата за рурален развој и нејзините членки”, финансиран од Ви ифект (WE effect,) шведска фондација, појасни биолошкиот инженер Сашко Тодоров, претседател на Здружението.
– Освен што тоа навистина може да прерасне во фамилијарен бизнис, важно е да се спомене дека во производството се користат суровини од локалната заедница. Слама, струганици од гранки од лозарството и овоштарството. Обучените производители веќе почнаа да продаваат печурки на локалните пазари. Ние ги обучуваме и околу пакувањето на готовиот производ, како и околу промоцијата на рецепти за подготовка на печурките, заради полесен пласман, нагласи Тодоров.
Беше студено, мрачно и монотоно
Мартина Митков е една од младите личности кои заедно со своите семејства заминаа надвор од државата.
– И по не така лошиот живот во родната земја, конкретно за мене и мојата фамилија, решивме нашето семејно гнездо да го преселиме во Соединетите Американски Држави. Тоа беше голем предизвик за нас, да оставиме сè и да дојдеме во земја што е многу поинаква и непозната, но многу поразвиена и економски стабилна. Општо земено бев сведок на тоа дека животот во нашата држава не е ни најмалку лесен на секое поле, придобивките за добар и угоден живот се сведени на минимум. Јас со мојата работа бев емоционално исполнета и среќна. Дури и 10 пати да се родам, 10 пати би ја избрала истата професија, но од финансиска гледна точка, новинарството во татковината не е ценета и ни најмалку добро платена професија, дипломираната журналистка Мартина Митков си ја отвори душата во изјава за МИА.
Во локалната телевизија каде што работеше, неколку години полека се спушташе завесата. Се гледаше крајот.
– Како новинар можам да кажам дека ангажманите беа големи, материјал за пишување имаше, но на крајот од месецот трудот не беше соодветно платен. Затоа условите за подобра егзистенција решивме да ги побараме во земја со повисок стандард. Зимата 2018 се преселивме во Њу Џерси. Беше студено, мрачно и монотоно, ништо не навестуваше на добар социјален живот. Но, како што се будеше природата така и ние со неа, ми раскажа таа.
Тешкотиите во процесот на адаптирање биле минимални, пред сè благодарение на нивните роднини таму.
– Мојот сопруг започна веднаш со работа, а самото тоа даваше до знаење дека на финансиски план нема да имаме проблем, бидејќи овде напорната работа и трудот се ценат и тоа како се исплатат, без разлика на професијата и завршеното образование. Продуктивноста на работната сила е искористена од двете страни, со тоа што вработениот е добро платен, а работодавачот го зајакнува сопствениот бизнис, благодарение на амбицијата и вложениот труд. Затоа стапката на невработеност е помала од 5,5 проценти. Како што поминуваше времето така сфатив дека Америка е земја на можности, земја основана врз идејата дека секој може да постигне што и да помисли, нагласи таа.
„Тапа“ социјален живот и „американски сон”
Митков нагласи дека САД се дом на речиси 200 различни националности, луѓе населени од сите краеви на светот, а дел од нив го живеат американскиот сон.
– Сè уште не сум компетентна да зборувам за тој сон, бидејќи овде сум неполни две години, но се надевам и знам дека еден ден ќе раскажам успешна приказна. Од досегашното искуство можам да кажам дека образовниот процес, здравствствената заштита, можностите за вработување, економските стратегии, па дури и природните убавини, со право ѝ го даваат епитетот на најпосакувана земја за живеење. Стабилниот просечен приход лесно те врзува и ти ветува сигурен живот. За разлика од кај нас, овде политиката е најнепривлечната работа, многу малку луѓе се занимаваат со неа. Политиката им е оставена на политичарите. Секој си го живее животот за себе, си гледа во сопствениот двор, а не во туѓиот. Засега не размислуваме за враќање во Македонија бидејќи, пред сè, среќата на моите деца ми е најважна од сè. Сатисфакција на секој родител е да им обезбеди стабилна иднина на своите деца, а овде тие би имале многу попросперитетен и финансиски стабилен живот, тоа е најголемата причина што ме врзува за оваа држава, без разлика на тоа што велат дека каменот си тежи на местото. Кога би ги споредила условите таму и тука, дефинитивно би ја избрала Америка, децидна беше мојата колешка, со која некогаш заедно одевме по новинарски настани и нè врзуваат безброј доживувања и анегдоти од новинарската професија.
Токму тоа и најмногу ѝ фали во туѓина, социјалниот живот.
– Брз е животот тука, да, за тие што работат, ама не и за тие што се дома, а јас во моментов сум врзана за домот, особено поради мојата втора ќерка, која е сè уште бебе. А таму бев научена на подинамичен живот, заради, што се вели, 24/7 работа, со разно настани. Е, тоа е тоа што ми фали најмногу. Бидејќи, рака на срце, овде социјалниот живот е „тапа”, искрена беше мојата пријателка.
Призна дека ја фаќа носталгија за дома, за фамилијата, особено за новогодишните и божиќните празници, кога се собира семејството на маса со мирисот на тазе приготвената домашна традиционална храна.
– Едноставно, сакам да сум дома на празниците што го спојуваат семејството заедно, со многу емоции рече таа во нашиот интернет-разговор.
Чекам да дојде.
Светлана Дарудова за МИА