Првата и втората кула на Џевахир во скоспката населба Аеродром од 15 часот денеска останаа без струја која се користи за светло во влезовите, лифтовите, топла вода, базен, теретана, но и без вода, објави Вечер.
Станарите се оставени без лифт и на погорните катови се принудени да се качуваат пеш. Според информации на Прес 24, ова е вторпат кулите да останат без колективната електрична енергија. Пред околу еден месец струјата била исклучена како предупредување поради неплатени сметки.
Станарите велат дека уредно ги платиле сметките, но дека проблемот е фирмата управител на висококатниците.
Дека фирмата „Се клуб фалисити менаџмент“ ѝ должи пари на ЕВН потврдува и самата компанија.
-Поради вкупен долг од 6 милиони денари, четири мерни места за заедничка потрошувачка во кулите на Џевахир се исклучени, потврдуваат од ЕВН за Прес24.
Освен струја, станарите немаат ниту вода бидејќи вентилите биле затворени.
Проблемот е што струјата која се користи за осветлување во влезовите, но и надвор од зградите, за лифтови, рампи за гаража, базен, теретана, топла вода и загревање е на едно броило. Во становите има електрична енергија бидејќи за тоа станарите плаќаат посебни сметки на ЕВН.
За исклучувањето на струјата во 40-катниците имаше реакции и на социјалните мрежи.