ИСКЛУЧИТЕЛНО ОПАСЕН: Евакуација на Флорида пред ураганот „Идалија“

/ 29.08.2023

Властите на Флорида денеска наредија евакуација на жителите на Западниот брег пред ураганот Идалија, кој може да се зајакне и да стане „исклучително опасен“ пред утре да удри во копното.

„Ако ви кажат да се евакуирате, тоа мора да го направите веднаш“, рече гувернерот Рон ДеСантис на прес-конференција. „Ќе биде голем ураган“.

Тропската бура Идалија преку ноќ стана ураган, соопшти американскиот Национален центар за урагани (NHC), додавајќи дека се очекува бурата „брзо да се зајакне и да стане исклучително опасен и голем ураган пред да пристигне во среда“. „Големиот ураган“ е класификација што се однесува на оние урагани кои ја надминуваат категоријата 3 на скалата Сафир-Симпсон од вкупно 5.

Ваквите урагани најчесто предизвикуваат „катастрофално уништување“, предупреди НХЦ. Во времето на најновиот билтен на NHC, тропската бура Идалија се наоѓала на околу 440 километри југозападно од пристаништето Тампа на Флорида со силни ветрови до 140 км/ч.

Силни ветрови по Идалија денеска ја погодија Куба. Невремето со себе донесе обилни дождови кои резултираа со поплави, особено во Хавана. Синоптичарите предвидуваат дека Идалија потоа ќе помине низ Мексиканскиот залив, каде во моментов се формира „морски топлотен бран“, фактор што ја зголемува јачината на ураганот, објави Ен-Би-Си Њуз.


Од истата категорија