Американскиот претседател Џо Бајден ќе го посети Виетнам следниот месец за да се сретне со највисоките функционери и да разговара за прашања кои се движат од технологија и економија до регионална стабилност и климатски промени.

Бајден ќе го посети Виетнам следниот месец за да се сретне со највисоките функционери и да разговара за прашања кои се движат од технологија и економија до регионална стабилност и климатски промени, додека се обидува да ги зајакне врските во регионот во кој доминира Кина.

Бајден на 10 септември во Ханој ќе се сретне со генералниот секретар на Комунистичката партија Нгујен Пу Тронг и со другите врвни виетнамски лидери, пред да отпатува за Алјаска за да ја одбележи годишнината од терористичките напади врз САД на 11 септември 2001 година, соопшти Белата куќа.

Вашингтон сака да ги подобри односите со Ханој, сметајќи го за клучен партнер во регионот во време кога американските односи со Пекинг се сè позатегнати. Во меѓувреме, Виетнам мора да ја одмери реакцијата на својот моќен сосед бидејќи Кина станува сѐ понаметлива.

Администрацијата на Бајден се обидува да ги зајакне американските односи во Азија, а Бајден во Виетнам ќе пристигне од Индија, каде што е предвидено да престојува од 7 до 10 септември и да присуствува на самитот на Г20. Тој нема да присуствува на состаноците на АСЕАН на почетокот на следниот месец, наместо него, ја испрати потпретседателката Камала Харис.

За време на престојот во Ханој, Бајден и виетнамските власти ќе разговараат за продлабочување на врските меѓу двете земји, како и за зајакнување на „виетнамската економија фокусирана на технологијата и иновациите“, се вели во соопштението на Белата куќа откако Бајден ги објави плановите за патувањето на почетокот на овој месец.

Виетнамското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека посетата ќе ги зајакне виетнамско-американските односи. Меѓусебните посети „ќе ги развијат билатералните односи на одржлив, значаен и долгорочен начин придонесувајќи за мирот, стабилноста и соработката во регионот и светот“, се вели во соопштението на портпаролот на Министерството за надворешни работи, Фам Ту Ханг.

Вашингтон е фокусиран на Виетнам како клучен регионален партнер, особено кога сеќавањето на ерата на Виетнамската војна избледува. Бајден и Тронг разговарале телефонски во март, а американскиот државен секретар Антони Блинкен ја посети оваа земја од Југоисточна Азија еден месец подоцна.

САД се најголемиот извозен пазар на Виетнам, а двајцата поранешни непријатели оваа година ја слават 10-годишнината од нивното „сеопфатно партнерство“. Тронг, најмоќната личност во Виетнам, минатата година стана првиот странски лидер што се сретна со претседателот Си Џинпинг во Пекинг, откако кинескиот лидер обезбеди историски трет мандат.