Тревогата за паднат хеликоптер во Босна и Херцеговина завчера попладне ја дигна на нозе оваа земја, а ги вознемири и останатите во регионот

Вистинска драма се одвивала во Коњевиќ Поље, кога во полицијата околу 12,30 часот е пријавено дека паднал хеликоптер во ова село. На местото на настанот излегоа многу полицајци, пожарникари, итна помош и мештани кои трагаа по паднатиот хеликоптер.

Хашим Софтиќ од Коњевиќ Поље, кој завчера со јавување во полицијата ја дигна цела БиХ на нозе, а медиумите од регионот јавуваа од час во час за „паднатиот хеликоптер“, вели дека му е драго што се испостави дека во ова село кај Братунац, сепак, не паднал хеликоптер и што сето тоа испадна лажна узбуна.

Софтиќ во разговорот за „Српскаинфо“ раскажува се што се случувало, кога нему и на неговиот внук му се причинило дека виделе хеликоптер кој паднал во шумата, недалеку од нивниот имот.

– Со внукот бевме на ливадата и правевме куќичка за кучето. Тогаш тој извика дека видел црвена светлина, коха како да се закачила на далноводот и дека мисли оти тоа е хеликоптер, раскажува Софтиќ.

Тој се свртел, но вели дека ништо не видел, но дека тогаш слушнал една помала експлозија, а веднаш потоа и втора.

– Внукот рече дека веројатно паднал хеликоптер, а потоа се слушна шуштење. Тој немаше телфон кај себе, па јас ја повикав полицијата и им реков дека мислам оти падна хеликоптер во шумата, појаснува Софтиќ.

Според неговите зборови, на местото кое му го посочил внукот дека паднал хеликоптер, забележал чад кој се издигал над шумата.

– Се личеше на тоа дека паднал хеликоптер во шумата, бидејќи и натаму слушавме некакво шуштење. Набрзо стигнаа полицајци, пожарникари и многу мештани кои тргнаа кон местото. Тоа е многу непристапно, па мораа пешки да заобиколуваат, истакнува Софтиќ.

Тој додава дека подоцна слушнал дека работниците на Електродистрибуција пронашле запалени стебла и дека станува збор за дефект во елетромрежата.

– Може да ви кажам дека ми е мило тоа што не паднал хеликоптер и што никој не изгубил живот, вели Софтиќ.

Тој нагласува дека по овој настан дома му доаѓале полицајци и дека на сите им го раскажал истото.

Завчера сите институции кои поседуваат хеликоптер негираа дека паднало нивно летало, а теренот на „падот на хеликоптерот“ го надлетуваа други хеликоптери во потрага да откријат што се случило. Медиумите не само во БиХ, туку и во поширокиот регион од час во час објавуваа информации за „падот на хеликоптерот“, кој за среќа бил само лажна тревога.