Турскиот претседател Таип Ердоган в понеделник во Истанбул свечено ќе го отвори најголемиот аеродром во светот, кој е трет аеродром во овој турски град.
Новиот аеродром е изграден на европската страна на Истанбул, на 35 километри северно од градот, во округот Арнавуткој. Неговата изградба почна во јуни 2014 година, а сега е завршена првата од вкупно четири фази на изградба. Предвидено е во првата фаза аеродромот да може да прими 90 милиони патници.
Се очекува до 2030 година аеродромот да може да го користат 150 милиони патници годишно, кога ќе биде завршена последната фаза.
За споредба, најпрометниот аеродром во светот „Хартсфилд Џексон“ во Атланта, САД во 2017 година имал 105 милиони патници. Исто така, шесте аеродроми во Лондон опслужуваат повеќе од 150 милиони патници годишно.
Изградбата на аеродромот чини 10,5 милијарди евра. Ќе се простира на површина од 7 659 хектари што е околу 76 квадратни километри и ќе има шест писти. На новиот аеродром ќе биде изграден и најголемиот светски трговски комплекс без царина.