На два дена пред истекот на мандатот на СЈО и Јанева, стручната јавност, партиите и обвинителите се обидуваат да најдат решение како да продолжи со работа СЈО кое во 2015 година беше формирано како резултат на аферата со прислушуваните разговори, а самото СЈО заврши со криминалната афера Рекет во која е вплеткана специјалната обвинителка која требаше да решава криминал.
Партиите поделени во своите ставови. Од СДСМ велат дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ свесно се обидуваат да ја жртвуваат иднината на државата и граѓаните заради спас на криминалците од таа партија со тоа што не го поддржуваат новиот закон за ЈО. Додека пак ВМРО-ДПМНЕ со став дека премиерот Зоран Заев сакал да го заштити својот и криминалот во своите редови и поради тоа не сака независно обвинителство водено од обвинител на предлог на опозицијата.
На страна од партиите и роковите за Јанева, обвинителката од СЈО Ленче Ристоска вчера пред рочиште во Кривичен суд рече дека тие се уште функционираат според законот за СЈО кој важи до септември 2020 година. Од ова обвинителство вчера соопштија и дека се подготвени да одговорат на дописот на ЈО, а тоа е веднаш да ги предадат предметите по кои постапуваат со сите списи и докази.
Паралелно со тековните настани на неизвесност за опстанокот во СЈО, стручниот, административен и помошно-технички персонал на ова обвинителство побара помош од меѓународната заедница која беше дел од процесите на формирање на СЈО и од политичките чинители во земјава.
Министерката за правда Рената Дескоска изјави дека за време на разговорите за законот за Јавното обвинителство предложиле вработените во СЈО, од кои голем дел вработени по пријателска и роднинска линија на Јанева, да бидат префрлени во републичкото Јавно обвинителство.
-Во текот на разговорите за законот за Јавното обвинителство водиме грижа за сите лица вработени во Специјалното јавно обвинителство и разговараме за нивниот статус. Нашиот предлог беше дека тие лица треба да бидат префрлени во републичкото Јавно обвинителство, а јавниот обвинител да може натаму да ги распредели согласно потребите и систематизацијата на Јавното обвинителство, вели министерката Дескоска во врска со писмото со барања испратено од техничкиот персонал на СЈО до амбасадорите и до државниот врв.