Тајланд денеска стана првата земја во Југоисточна Азија која легализира истополови бракови, а ЛГБТ+ групите се подготвуваат да го одбележат историскиот настан со над 1.000 истополови свадби во еден ден.
По децениски кампањи на активисти, Тајланд стана третата земја во Азија која ги легализираше истополовите бракови по Тајван и Непал, со новиот закон за брачна еднаквост кој стапува во сила денеска.
Пред зградата на парламентот во Бангкок се истакнати знамиња во боите на виножитото, а трговските центри планираат различни активности за одбележување на примената на новиот закон.
За време на масовна свадбена церемонија во луксузен трговски центар во Бангкок, повеќе од 200 парови застанаа на ред за да си ги дадат заветите – некои облечени во бели фустани, други во традиционална тајландска облека, западни костуми и церемонијални полициски униформи.
ЛГБТ+ групите целат да достигнат 1.448 брачни регистрации во првиот ден – симболичен број кој се однесува на изменетиот член од тајландскиот граѓански кодекс, каде зборовите „сопруг и сопруга“ се заменети со „брачни партнери“.
Организаторите, заедно со соодветните агенции, планираат да соберат податоци од церемониите низ целата земја и да поднесат барање до Гинисовата книга на рекорди за признавање на Тајланд како земја со најголем број истополови бракови регистрирани во еден ден.
фото: ЕПА