Концепцијата за основно образование на поранешната министерка Мила Царовска, која беше најавена кон крајот на 2020 година, се реализира со жестоко темпо. По предметот историја, на удар на новите образовни модели се најде и предметот по македонски јазик. Македонските шесто одделенци повеќе нема да учат за делото на светите браќа Кирил и Методиј, на Климент и Наум, како и за севкупната историја и потекло на македонскиот јазик, затоа што власта реши дека тоа повеќе не е неопходно да се знае од следната учебна година, објавува ТВ АЛФА.
Наставничката по македонски јазик, Милка Тримчевска, вели дека на учениците ќе им биде скратено значајно знаење за мајчиниот јазик, за кое од бирото за развој на образованието им порачале оти веројатно ќе се учи во следното, 7мо одделение, но, засега нема кој да ја потврди таа информација.
„Во делот на соддржина, потекло на македонскиот јазик, нема да изучуваат за старословенските азбуки, за глаголицата и кирилицата, за современото македонско писмо, значи, учениците едноставно, нема да се среќаваат со тие поими и нема да можат да прават споредби со старословенската кирилица и современото кирилско писмо. Кирил и Методиј се изостануваат, како наши дејци, просветители, врз основа на што се темели и нашиот јазик и нашата азбука“ – вели Тримчевска.
Реформите на поранешната министерка за образование Царовска се спроведуваат во моменти кога на политичката сцена трае жестока дебата за односите со Бугарија, како и преговорите во мешовитата македонско-бугарска, историско-образовната комисија, што отвора сомнеж за вистинските намери на инстутциите кои ги имплементираат овие промени.
Наставничката Тримчевска вели дека без минато нема иднина и појаснува дека овие реформи директно задираат во идентитетот на македонецот.
„Ако предметот историја се доведе до дното, тогаш се поставува едно огромно прашање, каде одиме и во кој правец, кога го занемаруваме и предметот македонски јазик, односно историскиот, развојниот елемент на јазикот, односно, кои сме ние“ – појаснува наставничката по македонски јазик Тримчевска.
Универзитетската професорка по Методика на наставата по македонски јазик, Гордана Алексова, која била дел од стручната работна група на Бирото за развој на образованието, за весникот „Нова Македонија“, изјави дека таа и нејзините колеги биле безрезевно едногласни оти историјата на македонскиот јазик треба да се изучува во шесто одделение, но, институциите не одлучиле според препораките на експертите.
„Безрезервно бевме едногласни во замислата дека учениците од шесто одделение треба да стекнат основни сознанија за дејноста на браќата сесловенски просветители. И јас бев изненадена од идејата да се поместат овие наставни содржини во следното, седмо, одделение“ – истакна Алексова за весникот „Нова Македонија“.
Токму учебниците за 7мо одделение, во кои се очекува да се премести учебната метерија се предмет на преговори со соседна Бугарија, па по евентуалното поместувањето за едно одделение погоре, историјата на македонскиот јазик ќе се најде под директен оган на барањата за ревизионизам.