Едно од најневеројатните нешта во Новиот завет е податокот што го наведуваат писателите на евангелијата кои тврдат дека при распнувањето на Исус на Земјата настапил мрак.

Така, Матеј вели: „А од шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час; а околу деветтиот час извика Исус со висок глас и рече: „Или! Или! Лама савахтани?” А тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Си Ме оставил?”

Истата реченица ја има и кај Марко: „А во шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час“ (МК, 15, 33).

Во Евангелитето според Лука стои:

„А беше веќе околу шестиот час и настана мрак по целата земја, до деветтиот час; и Сонцето потемне, и црковната завеса се расцепи преку средината.“ (интересно, ова не се споменува во Евангелието според Јован кој тврди дека бил сведок на распнувањето).

Како да се објасни ова? Дали било точно? Можно ли е тоа да е вистина или станува збор за творечка фантазија на авторите на евангелијата?

Ли СТРОБЛ

Еве што за ова пишува новинарот Ли Стробл кој направил интервјуа со десетина експерти за Новиот завет, меѓу кои и со др. Едвин Јамаучи, автор на преку 70 трудови од областа на Библијата, предавач на преку 100 универитети низ светот… со еден збор, врвен авторитет за Новиот завет.

Дилемата, е дали постои историска потврда дека мракот навистина се случил, значи дали навистина станува збор за историски настан или за некоја изразна форма при пишувањето на евангелијата со која се сакало да се долови драмата на распнувањето. Денешниот човек би требало да поверува во второто, но од друга страна, Стробл го наведува современиот американски историчар Гари Хабермас, кој пишувал за античкиот историчар Талус кој во 51 година од н.е. ја напишал историјата на источниот Медитеран од Тројанската војна. Иако делотото на Талус е изгубено, него го споменува Јулиј Африканус во 221 година – а го споменува и мракот кој ја обвиткал Земјата.

Како Јамаучи го објаснува ова? Според него, во цитираниот оддел од Африканус, се вели: „Талус во третата книга од своите истории, попатно го објаснува и мракот како затемнување на Сонцето“.

Едвин ЈАМАУЧИ

Според Јамаучи, тоа „се чини неразумно“.

„Така, Талус изгледа напишал дека во време на распнувањето се јавил мрак и тој претпоставил дека тој мрак е предизвикан од затемнување на Сонцето. Африканус, меѓутоа, тврди дека не можело да станува збор за затемнување на Сонцето, ако се има в предвид времето кога распнувањето се случило“.

Ова значи дека веќе на почетокот од третиот век, веќе имало автори кои прифатиле дека мракот се случил, но не го прифатиле објаснувањето дека станува збор за затемнување на Сонцето.

Јамаучи додал: „Дозволете ми да наведам што научникот Пол Мејер рекол за овој мрак во фуснота од својата книга од 1968 година „Понтиј Пилат“:

„Овој феномен бил очигледно видлив во Рим, Атина и другите медитерански градови. Според Тертулијан… тоа бил вселенски или светски настан. Флегон, грчки писател од Карија, пишувајќи ја хронологијата по 137 година, известил дека во четвртата година од 202 олимпијада (т.е. во 33 година од н.е.) се случило најголемото затемнување на Сонцето и дека настапила ноќ во шестиот час на денот (т.е. на пладне) така што и ѕвезди се појавиле на небото. Во Битинија се случил голем земјотрес, а имало големи разурнувања во Никеја.“

Значи, заклучил Јамаучи, постои небиблиска потврда за мракот кој ја обвиткал Земјата токму така како што наведуваат евангелијата. Според него, очигледно е дека некои луѓе се обиделе да му дадат природно објаснување на овој настан, но тој смета дека тоа објаснување не е разумно. Иако во разговорот со Стробл не го навел своето мислење за овој настан изречно, индиректно Јамаучи овој настан го интерпретира токму така како што тоа го прават евангелијата – како настан кој нема природно објаснување туку кој е врзан со распнувањето на Исус.

Впрочем еве го тој дел од книгата „Исус Христос“ на Стробл:

„За мене еден од најпроблематичните податоци во Новот завет е тој кога писателите на евангелијата тврдат дека на Земјата се случил мрак во време додека Исус бил на крстот. Зар тоа не било само книжевно изразно средство за нагласување на распнувањето, а не вистински историски настан? Конечно, ако мракот навистина се случил, зар не би бил споменат и во извор надвор од Библијата? Меѓутоа др. Гари Хаберманс пишува за историчарот Талус кој во 52 година ја напишал историјата на источниот Медитеран од Тројанската војна. Иако Талусовото дело е загубено, го наведува Јулије Африканус околу 221 година – а ја споменува темнината за која се зборува во Евангелијата.

-Дали е можно – прашав – тоа да е независна потврда за ова библиско тврдење?

Јамаучи почна да ми објаснува:

-Во овој оддел Јулис Африканус вели: „Талус, во третата книга од својата историја, попатно ја објаснува тенината како затемнување на Сонцето – неразумно, како што мене ми се чини.“

-Значи Талус – продолжи Јамаучи – забележал дека во времето на распнувањето се јавила темнина и тој претпоставува дека причина за тоа е затемнувањето. Африканус потоа тврди дека тоа не можело да биде затемнување на Сонцето, имајќи го в предвид времето кога распнувањето се случило.“

Јамаучи стана од столицата и зеде една хартија:

-Дозволете ми да наведам што научникот Пол Мејер кажал за темнината во фуснота на својата книга од 1968 година „Понтиј Пилат“:

„Овој феномен бил очигледно видлив и во Рим, Атина и другите медитерански градови. Според Тертулијан… тоа бил вселенски или светски настан. Флегон, грчки писател од Карије, кој пишува хронологија набрзо по 137 година, известил дека во четвртата година на 202 олимпијада (т.е. 33 година) се случило „најголемо затемнување на Сонцето“ и дека „ноќта настапила во шестиот час на денот (т.е. на пладне) така што и ѕвездите се појавиле на небото. Во Битинија се случил голем земјотрес и многу објекти биле урнати во Никеја“.

Јамаучи заклучи: „Според тоа како што Пол Мејер истакнува, небиблиска потврда за темнината која се јавила во времето на распнувањето постои. А очигледно е дека некои луѓе се обиделе да му дадат природно објаснување на тој настан, велејќи дека станува збор за затемнување на Сонцето“.