Македонија бележи историски увоз на 2,1 тони (2.125кг) марихуана од Јужноафриканската Република со што стана светски рекордер во увоз на оваа билка за медицински цели, пишува во соопштение на американско-канадската фирма Инстадосе фарма корп, која преку Македонија ја набавиле стоката.

Марихуаната, како што објави порталот Плусинфо, била наменета за Западна Европа. Пратката стигнала шест дена пред Новата 2022 година, а основачот на фирмата Грент Сандерс е многу возбуден за пратката.

– Ова е историска испорака и претставува само почеток на потенцијалот на Инстадосе Фарма. Испорачувањето ги потврдува и нашиот бизнис модел и компанијата како светски лидер во индустријата. Мојата визија отсекогаш беше ваква и многу сум возбуден за значењето на пратката и за она што допрва следува, истакнува Сандерс во соопштението.

Во соопштението се наведува дека оваа марихуана е наменета за Западна Европа каде веќе е доставена, а е извезена во Македонија согласно дозволата издадена во ноември. Наведено е дека компанијата има соработка со лиценцирана фирма во Македонија, а дека има свои филијали и во ДР Конго, Португалија, Индија, Канада, Колумбија и Мексико.

Како што е повеќепати објавувано, Владата во оставка на премиерот во оставка Зоран Заев, во чиј мандат е овој „историски успех“ долго време се залага за легализација на марихуаната во Македонија.