Кога Јовески и Рускоска и формално го отворија „Рекет“, беше јасно дека многу е веројатно оти случајот ќе заврши така што Заев ќе се прогласи за борец против корупцијата, дека преку овој случај ќе се направи обид за „рехабилитиција“ на Рускока кај јавноста поради лажната квалификација за „тероризам“ за настаните од 27 април, и дека странците ќе го добијат своето, односно ќе успеат лесно да издејствуваат внесување на СЈО во редовното обвинителство преку новиот Закон за ЈО.

Проценката беше грешна само во тоа дека Катица Јанева не се спаси, туку заврши во притвор и дека новиот Закон за ЈО не е донесен, но и без него, неуставните и незаконските снимки сепак влегоа во редовното ЈО, со што дополнително се уриваат и остатоците, односно рушевините на веќе непостојната правна држава.

Сега имаме нова ситуација, а таа дека е Заев продолжува да се кити со ореолот на т.н. премиер кој го пријавил случајот Рекет, а ете сега и ги објавил податоците и додатоците за сите во СЈО. И како финале, Рускоска спектакуларно влегува во СЈО за да ги бара документите. Погодувате, станува збор за документите со кои се исплаќани оние додатоци во СЈО од по неколку стотици илјади евра, плус документите за хонорарите на сведоци, вештаци, ќерки, синови, снаи…

Така ја добиваме шемата на оваа фингерајка: Заев всушност се обидува преку „мртвото“ СЈО кое, заедно со Рускоска и го донесе на власт и му овозможи да испорача кај неговите газди смена на Уставот, да спечали некој поен. Да се претстави во јавноста, наспроти ореолот на криминалец, како борец токму против тој криминал. Ете, тој, заедно со Рускоска го растурија тоа „дувло“ наречено СЈО.

Сепа, се чини дека наместо тоа, тој Рускоска би требало да објаснат зошто во овие две и кусур години не побарале истрага (Заев), односно не повеле истрага (Рускоска) за парите во СЈО, бидејќи сега сите се прават на удрени дека високите плати и додатоци беа познати имаа статус на јавна тајна.

Така, на пример, уште на почеткот беше објавено дека една од првите плати која Јанева си ја додели самата себе (2015 г.), изнесува околу 130 000 денари (подоцна растела за да стигне до 3000 евра). Во Законот пак е предвидено дека платата на Јанева изнесува за 10 отсто помалку од платата на републичкиот јавен обвинител, што значи дека Јанева, законски, би можела да земе плата не поголема од 80 000 денари (ако е платата на ЈО е 90 000 денари).

Платите на останатите обвинители пак, со Законот, се одредени на ниво на обвинителите од редовното Обвинителство за организиран криминал. Така што не постои законски основ по кој тие би биле повисоки и секоја исплата, како и секое примање на плати повисоки од овие одредби е криминал. Всушност, криминалот бил сторен уште со исплатата на правата плата ан Јанева.

Така што, со оглед на фактот дека се ова е познато уште по првите месеци од основањето на СЈО и изборот на Катица Јанева и нејзините обвинители, Рускоска веднаш можела да поведе истрага за овој криминал (или во првиот момент кога седна во сегашната фотелја), да не зборувам пак за времето откако Заев стана премиер на диво, бидејќи ете, да прифатиме дека претходно не можела да поведе таква постапка зашто „режимот“ не и давал да ги гони тие што него го гонат. Смешно, но кај наш народ би поминало. Но, ете, зошто тогаш не ги гонела откако дојде Заев?

Патем, исплатите не можело да минат без параф на Министерството за финансии. Оттука, ако Заев и Рускоска се правеле на удрени, Министерството и Тевдовски секако знаеле што се случува во СЈО. Тука е и УЈП, каде плаќате данок. Оваа институција молчела, иако на додатоци од по неколку илјади евра, повисоки од самата плата, од пари од државен буџет се плаќал данок. Нели ви е чудно ако некоја институција плати данок на плата од 3000 евра по човек (или колку веќе биле сумите), а потоа плати данок на некаков додаток од 4000 евра? По кој основ? Ако Министерството и УЈП пак не ги интересира по кој основ и од каде стигнуваат уплатите, дали тоа значи дека на ваков начин, било која фирма, може да испере пари од дрога? Ќе ги подели милионските суми како додаток, ќе плати данок на нив, и завршила приказната. Ама не е така, нели?

На пример, некои факултети, не сите, но некои, имаат поголеми пари од уплати на студентите. На крај тие пари се јавуваат како вишок и се обидуваат да ги поделат меѓу вработените за да не им ги повлече државата. Ќе измислат некој основ (дополнителна работа, проект и сл.), и парите ќе бидат поделени. Но, и тоа мора да биде одобрено од Министерството за финансии. Така што сите додатоци, всушност секој денар во оваа држава мора да помине и низ Министерство за финансии и низ УЈП.

Така што, да не се лажеме. Јасно е дека сите знаеле, ако не во детали, ама барем во некакви рамки, дека СЈО е Алајбегова слама. Заев секако знаел или можел да знае и во детали. Рускоска исто така. И да сакале, веднаш ќе отвореле истрага, прво за платите, а потоа за додатоците. Бидејќи, во Македонија не постои додаток, каков и да е, кој е повисок од платата. Не можете да земате 3000 евра плата, а 4000 евра додаток. Тоа е толку едноставно.

Впрочем, дали лекарите добиваат додаток за доверливост за пациентите? И не само тие, туку и медицинските сестри и болничарите. Секој од нив знае за болест на некој пациент што е доверлив податок. Дали добива додаток за доверливост? Не.

Дали пожарникарите добиваат додаток за гаснење пожари (демек овие ги ставале главите в торби, што само по себе е смешно)? Дали на адвокатот, кога му плаќате, му плаќате дупло повеќе за да ви го чува предметот во тајност? Точно е дека додатокот за доверливост е предвиден во Законот за СЈО, но како што рековме, тој не може да биде поголем од платата (може да биде некаде 20-30 отсто од платата, не повеќе, по аналогија со другите додатоци, ако веќе не е споменат во ЗРО или во некој од колективните договори). Уште повеќе што, не постои пример во кој на раководителот на државен орган, финансиран со буџетски пари, му е оставено сам, од ракав, по сопствена желба и волја, да одредува висина на додатоци, хонорари и сл.

А, што се однесува до самиот додаток за доверливост треба да се знае и дека оддавањето доверливи податоци од снимките, е кривично дело. Така, ние дојдовме до ситуација кога некому плаќаме стотици илјади евра за да не стори кривично дело, односно да го зачува во тајност тоа што е обврзан да го зачува во тајност, во спротивно ќе одговара. Па кога веќе сме тука, веројатно би требало да знаеме колку изнесува додатокот за доверливост на обвинител од редовното ЈО  кој има снимки од посебни истражни мерки. Сто илјади евра годишно?

Така што, како во случајот со онаа фингерајка во која Рускоска ги „тресе од гаќи“ судиите од Апелационен суд кои ја пуштија Катица дома, и во овој случај се ќе се сведе на изнудени потези кои Заев и Рускоска ги преземаат затоа што мораат, а не затоа што сакаат и во таква ситуација, Заев се обидува барем пропагандно да профитира од незгодата во која се најде, откако Американците му ја наместија онаа програма за отворени финансии.

На Рускоска пак и останува да покаже дали и овде ќе игра само толку колку што мора, како што тоа го прави во целиот случај „Рекет“, за разлика од „27 април“ каде гризеше од петни жили, или работата ќе ја заврши како што треба, за што, благодарение на досегашното нејзино однесување, како и однесувањето на Јовески анд компани, однапред постои сомнеж.

Но, од друга страна, таа сигурно знае дека што и да се обиде да направи во минимизирање на скандалот, траги од траснферите ќе останат и лесно можат да се откријат. Па, да се надеваме дека не е камиказе и дека нема да манипулира со документите.

Но, ако ништо не е јасно, има една работа која е јасна: ова не се чекори во борба против корупцијата или во борба против некаков оргнизиран криминал. Ова се изнудени чекори, инаку досега ќе имаше огномет од постапки на Рускоска и нејзиното обвинителство за организиран криминал, а ред од „специјални“ ќе чекаа да бидат сослушани, почнувајќи од Ката и Фата па надоле. А токму тоа не се случува, освен што на грбот на СЈО, Заев сега се обидува да профитира. Впрочем, откако лесно и незаконски беше извршен трансферот на нелегалните снимки кај Јовески (чекај малку, ова никој веќе не го споменува?), Катица и нејзините не му се потребни веќе никому. Па ни на Заев.

Но, ние барем игри имаме. Сега, кој како стигне, ќе вади од сајтот кој се зел пари оттаму. Па така, малку забава и игри, малку леб… и доволно ни е. Таков народ сме ние, скромен. Нели?

Р.Д.