Климатските промени влијаат на бројот на самоубиства, покажа обемната студија на научниците од Универзитетот Стенфорд во Калифорнија.
Научниците предупредуваат дека климатските промени би можеле да влијаат на бројот на самоубиства подеднакво како и економската рецесија, за која е познато дека ги зголемува случаите во кои луѓето креваат рака на себе.
Врската помеѓу менталното здравје и глобалното затоплување досега не е опширно истражена.
Најновите резултати, врз основа на споредба на порастот на температурата и случаите на самоубиства во САД и Мексико во изминатите неколку децении покажаа дека, сепак, има некаква врска.
Се забележува дека стапката на самоубиства се зголемила за 0,7 проценти во САД и за 2,1 проценти во Мексико, кога просечната месечна температура би скокнала за 1 степен Целзиус.
Истражувањето, исто така, ги зема предвид сезонските варијации, нивото на сиромаштија, па дури и вестите за самоубиства на познати личности, кои некои луѓе можеби ги следат.
Научниците откриле дека потоплите периоди доведуваат до повеќе самоубиства, без оглед на богатството и вообичаената клима во одреден дел од земјата.
„Важно е да се утврди дали стапката на самоубиства одговара или не одговара на климатските услови, бидејќи самоубиствата сами по себе носат повеќе жртви отколку сите форми на насилство заедно, и се наоѓаат меѓу првите 10 до 15 причини за смрт на глобално ниво”, вели професор Маршал Бурк од Универзитетот Стенфорд .
Тој и неговите колеги го објавија споменатото истражување во списанието „Nature Climate Change“.
Заклучоците од истражувањето ги потврдува и неодамнешното истражување спроведено во Индија, според кое речиси 60.000 самоубиства во изминатите 30 години можат да се поврзат со климатските промени.
Студијата опфатила повеќе од 60 милиони пораки на Твитер, и открила дека употребата на депресивни зборови како „осамен, „уморен” и „блокиран” зачестуваат со зголемувањето на температурите.
Ако постоечките емисии на јаглерод не се ограничат, научниците проценуваат дека до 2050 година може да има дури 40.000 „дополнителни” самоубиства во САД и Канада.