Граѓаните на земјите од регионот на Западен Балкан, нешто легално, но многу повеќе нелегално, поседуваат околу 6 милиони парчиња оружје од различен калибар

Ако порано Балканот бил нарекуван буре со барут, според истражувањето што е направено, денес овој регион претставува огромен магацин со илегално оружје, кое граѓаните го поседуваат без дозвола и без контрола од државата.

Според истражувањето што е направено од Центарот за контрола на лесно оружје во Југоисточна Европа, на просторот на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Србија, во просек има 30 парчиња оружје на 100 жители, што во однос на светскит просек, е повеќе за дури 15 проценти.

Истражувањата покажуваат дека во просек, 75 отсто од оружјето во некоја земја е во посед на граѓаните, а останатиот дел го поседуваат војската, полицијата, разни служби за обезбедување. На просторот на Западен Балкан тој процент е дури 90 отсто.

– Се верува дека помеѓу 500.000 и 1,6 милион домаќинства во регионот поседуваат огнено оружје. Очигледно е дека граѓаните имаат премногу оружје во свои раце, и тоа повеќе илегално отколку легално, пишува по неодамнешното истражување, спроведено од белградскиот неделник НИН.

Лидери се Србија и Црна Гора

Според тие податоци, Србија и Црна Гора се лидери, бидејќи на секои 100 жители во овие две земји доаѓа по речиси 40 парчиња лесно оружје. Само во Србија има повеќе од 1,5 милион илегално и 1,1 милион легално оружје.

  • Според истражувањето на НИН, во Србија автоматската пушка Калашников чини од 150 до 200 евра, додека цената на Скандинавскиот полуостров е околу 2.000 до 3.000 евра.Цена на пиштол во Србија, пак, се движи од 100 до 1.000 евра, а на западноевропскиот пазар достигнува и 2.000 евра.

Професорот на Факултетот за безбедност и член на Одборот за одбрана и безбедност на Собранието на Србија, Зоран Драгишиќ говори зошто има толкави арсенали во приватна сопственост, и покрај тоа што во последните две децении беа организирани десетина акции на доброволно предавање на оружјето на полицијата.

– Од една страна е таа нездрава традиција на поседување оружје, а од друга страна, овде сепак е Балкан. Простор со голем страв. Луѓето се плашат од државата, се плашат од комшиите, се плашат од „оној од другото село“, па оружјето се чува од страв. Друго, сите се во очекување на нова војна и никој не сака да ја дочека без оружје дома. Таквите закани со нова војна се се почести, дури и од некои официјални лица во регионот, а притоа ги заплашуваат не само политичарите или таблоидите, туку и странските разузнавачки служби на кои не им одговара стабилен Балкан, оценува Драгишиќ.

На неодамнешниот самит на земјите од Западен Балкан, што се одржа во Лондон, усвоена е план за решавање на проблемот со илегалното поседување, злоупотреба и криумчарење на лесно и малокалибарско оружје. На овој начин, тврдат авторите на овој план, Западен Балкан би добил уште една шанса, па „од извозник на опасност“ би станал „извозник на безбедност“.

Стимул за предавање на оружјето

Планот заеднички го развија институции од регионот под покровителство на Германската федерална канцеларија за надворешни работи и Центарот за контрола на лесното вооружување во Југоисточна Европа, во координација на Велика Британија, Франција и Европската комисија.

Како што пишува српскиот портал Вести, стручњаците на различни начини го гледаат решението за проблемот со големата количина илегално оружје во рацете на граѓаните на Балканот.

– Поради големите даноци, во Србија, е замрен интересот за легално купување оружје. Дури веќе нема кандидати кои прифаќаат подарено легално оружје, бидејќи сите се свесни дека тоа е сериозен удар за сечиј џеб. Државата на тој начин ги принудува љубителите на оружје да го набавуваат надвор од легалните канали, што е секако целосно погрешно. Со промена на таа даночна политика, можно решение е и дополнителен стимул на сите кои би сакале да се ослободат од нелегалното оружје, на пример, со парични награди или слично. Секако дека во никој случај не треба да се запре од кривично гонење за нелегалното поседување оружје, па дури и да се зголемат казните, вели поранешниот началник на Управата на криминалистичката полиција, Миле Новаковиќ.

 

План со седум цели

Усвоениот план за решавање на проблемот со илегално поседување, злоупотреба и криумчарење на лесно и оружје со мал калибар, подразбира рок од шест години во кој би се исполниле седум цели.

Првата цел е целиот Западен Балкан да усогласи правила за контрола на вооружувањето со стандарди кои постојат во ЕУ. Потоа следува развој на прибирање и обработка на податоци за оружјето, со цел што попрецизно да се утврдат ризични области и да се осмислат одговори кои целат кон решение на проблемот.

Меѓу целите за намалување на илегално оружје во рацете на граѓаните е и можноста граѓаните да го легализираат нелегалното оружје или да го предадат на полицијата без обврска да го докажуваат потеклото на оружјето или без одговорност ако го набавиле на нелгален начин.

Арсенал за криумчарење

Генерал Миле Новаковиќ, поранешен началник на Управата за криминалистичка полиција на МВР на Србија, за Вести оценува дека овие податоци не се целосно точни.

– Не треба да се апострофираат само Србија и Црна Гора, затоа што сериозни колични оружје се наоѓаат и на Косово, БиХ, Македонија, но и во Хрватска, вели Новаковиќ.

Тој додава дека треба да се биде внимателен и да се прави разлика помеѓу оружје во посед на граѓаните и она кое е „спакувано“, односно закопано и, како што тој вели, „го чека својот момент“ кога ќе затреба.

– Не смееме да заборавиме дека големи количини оружје кое останало по претходните војни и натаму служи за илегална трговија, бидејжи има голема побарувачка и одлична заработка, додава Новаковиќ.