Што е 5Г технологија?
5Г мрежите се најновата генерација на поврзаност на мобилен интернет, нудејќи многу поголеми брзини и постабилни врски на смарт телефоните и другите уреди, од кога било порано. Со 5Г врската се очекува брзината на симнување податоци од интернет од 1GBps да стане вообичаена норма.
Со помош на 5Г мрежите се обезбедува телекомуникациска инфраструктура преку која може да се врзат милиони уреди и да се испраќаат огромни пакети податоци, досега незамисливи.
5Г може да поддржи милион уреди на квадратен километар, а 4Г сто илјади корисници.
Употреба
Прва земја која ја усвои 5Г технологијата е Јужна Кореја, само неколку часа по неа употребата на 5Г почна и во неколку градови во Соединетите Американски Држави, а потоа и во неколку други земји.
5Г радио хардвер засега продаваат Хуавеи, ЗТЕ, Нокиа, Самсунг и Ериксон.
Поголема употреба на 5Г технологијата се очекува во 2020 година.
5Г користи спектар фреквенции od 600 MHz do 6 GHz и исто така користи милиметарски бранови со спектар од 24 до 86 GHz.
Појаснување
Aко ова делува збунувачки, се што треба да знаете за фреквенцијата на 5Г е дека различни компании користат различен спектар за да пренесуваат 5Г податоци.
Радио брановите вклучуваат екстремно ниска фреквенција (ELF), ултра ниска фреквенција (ULF), ниска фреквенција (LF), средна фреквенција (MF), ултра висока фреквенција (UHF), и екстремно висока фреквенција (EHF).
Еден дел од радио спектарот има висока фреквенција од 30 GHz и 300 GHz и често се нарекува милиметарска фреквенција, поради должината на брановите од 1 до 10 милиметри. Овие бранови се популарен избор за 5Г, но исто така се користат и во радио астрономијата, телекомуникациите и радарските пиштоли.
Зошто се битни овие милиметарски бранови? Затоа што можат да пренесуваат огромни количини податоци за многу брзо време.
Загриженост во САД
Овој спектар е многу близок до оној што го користат изворите за информации за временска прогноза, системите за набљудување на состојбите на Земјата, националната безбедност итн.
Дел од научниците предупредуваат дека е можно мешање на фреквенциите и губење на ефективната контрола што крајно може да се одрази врз јавната безбедност. Први ваква загриженост демонстрираа во Одделот за трговија при американскиот Стејт Департмент. Државниот секретар за трговија Вилбер Рос неодамна изјави дека со имплементацијата на 5Г технологијата „се ќе биде поврзано со се“, односно се развива таканаречениот „Интернет на работите“ предупредувајќи на опасност по националната безбедност, ако на кинескиот гигант Хуавеи му се дозволи да инсталира 5Г инфраструктура во САД.
САД исто така побараа од земјите сојузници да ја забранат употребата на опремата на Хуавеи во нивните 5Г мрежи, со предупредување дека Пекинг може да ја злоупотреби оваа инфраструктура од чувствителни податоци за шпионирање. Оваа забрана, според аналитичарите ќе ја забави примената на 5Г технологиите во САД, иако неколку градови веќе се приклучија кон оваа технологија. Додека Русија со информациска пропаганда пласирана во земјите од западниот свет ја успорува имплементацијата на 5Г технологијата, Вашингтон го забрани Хуавеи за било какво вклучување на 5Г мрежата во САД и се закани дека нема да дозволи Хуавеи да користи американски софтвер и други компоненти потребни на овој телекомуникациски бизнис.
Според Share America. gov кинеските телекомуникациски провајдери, според закон се обврзани да им служат на интересите на Кинеската влада и нејзините служби за разузнавање. Ако Хуавеи или некој друг кинески производител на опрема ја изгради основната 5Г инфраструктура во една држава, тогаш кинеската влада би имала можност да врши контрола врз таа мрежа.
“Со сите услуги кои што произлегуваат од 5Г мрежата, влогот во заштита на овие витални мрежи не може да биде поголем” истакнува Роберт Страјер – сајбер дипломат во Американскиот Стејт Департмент. Според негова изјава дадена за PBS News Hour „навистина, не постои разлика помеѓу компаниите од приватниот сектор и Владата во Кина. Кинеската влада може да ги принуди компаниите да дејствуваат…Тие се предмет на комплетна контрола на Кинеската Комунистичка Партија”.
Руска пропаганда
Во 2018 година Russia Today, ТВ канал поддржуван од Москва почна да објавува емисии и прилози поврзани со штетните ефекти по здравјето, без да приложи било какви научни докази, тврдења или студии. Обидите да се направи штета на 5Г репутацијата се зголемија во 2019 година. Стории, емисии, прилози, првенствено на медиуми кои функционираат со руска поддршка, почнаа да шират предупредувања за влијанието на 5Г врз здравјето, болести како рак на мозок, аутизам, неплодност, Алцхајмер итн.
Истовремено, додека се шират овие дезинформации или во најмала рака непотврдени информации и шпекулации, рускиот претседател Владимир Путин наредува лансирање на 5Г мрежата во Русија во февруари 2019 година.
Њујорк Тајмс во текст од 12 мај 2019г, со наслов: „Вашиот 5Г телефон нема да ве повреди, но Русија сака да мислите поинаку“, открива како работи руската пропаганда преку нивната телевизијата RT, финансирана од Москва. Додека светот се натпреварува кој прв ќе воведе 5Г технологија која ќе ги поврзува автомобилите, фабриките и градовите, руската телевизија во емисија со наслов „Опасен експеримент врз човештвото“, шири невистини и наводни скриени последици од 5Г, вели Њујорк Тајмс.
Додека руските медиуми и оние кои ја шират руската пропаганда дека 5Г е штетна технологија, Кремљ и Пекинг прават нов 5Г политички блок, смета угледниот американски весник. Нападите се со цел да се забави примената на 5Г во САД, а во меѓувреме да се забрза воведувањето на оваа технологија во Русија и Кина. Кој прв ќе ја воведе оваа технологија, ќе биде поконкурентен во обезбедувањето нови услуги на светот. Ќе допре побргу до домовите на потенцијалните потрошувачи, ќе понуди иновативни индустрии, новини во здравството и националната безбедност.
Пред неколку дена Хуавеи потпиша договор со најголемиот руски телекомуникациски оператор МТС за развој на 5Г технологии и лансирање на петтата генерација мрежи во Русија во наредната година.
Хуавеи, компанијата од Шенжен, се најде на фронталната линија на трговската војна меѓу САД и Кина. Неодамна еден од директорите во врвот на компанијата, ќерката на основачот, Мнег Ванжоу беше уапсена во Канада по обвиненија поднесени од САД.
Дали треба да сме загрижени од употребата на 5Г технологијата?
Здравје – Дали ефектот од 5Г брановите е доволно истражен?
Ова е прашањето околу кое се кршат копјата на светско ниво. Аргументи има и на едната страна дека оваа технологија е сосема безбедна и на другата страна дека сепак може да има одредени здравствени ефекти.
На пример, главниот град на Белгија, преку министерката за квалитет на живот, животна средина и енергија, Селин Фремаулт, неодамна се спротивстави на користењето на 5Г мрежата и се повика на белгиските закони кои регулираат радијација. Односно градот побара да се причека со воведувањето на оваа технологија поради тоа што ефектите засега не се доволно испитани.
Швајцарија е меѓу првите земји која воведе 5Г технологија, но во Женева исто така се забрани користење на 5Г мрежи, иако Швајцарската телекомуникациска Асоцијација по спроведените истражувања соопшти дека нема ниту еден показател дека 5Г би можело да има влијание врз здравјето на луѓето.
Група научници од мај 2015 година до јануари 2019 година собраа потписи од 42 еминентни научници кои тврдат дека електромагнетните бранови и екстремно ниските фреквенции што ги користи 5Г технологијата можат да имаат биолошки и здравствени ефекти. Петиција е испратена до Обединетите нации, Светската здравствена организација и други организации. Други 170 научници испратија слична петиција до Европската унија.
Дека ефектите не се доволно истражени тврди и финскиот експерт за молекуларна биологија и професор на Универзитетот во Хелсинки, Дариус Лежински. Во интервју за Euronews тој вели дека никој не може во оваа фаза да каже дали 5Г технологијата е штетна или не, затоа што ефектите не се доволно истражени. „Единственото осигурување кое се нуди дека оваа технологија не е штетна е претпоставката дека мали количества радијација не се штетни. Но прашањето лежи кај ефектот од милиметарските бранови, познати и како екстремно висока фреквенција, што значи дека не знаеме што тоа во пракса ќе значи за нашиот имунолошки систем. Високофреквентните бранови продираат само неколку милиметри во телото и тоа од индустриите се смета за безначајно по здравјето. Но нашата кожа е најголемиот орган во телото и е поврзана со бројни работи, како на пример имунолошката реакција“, објаснува Лежински.
Противниците на 5Г обвинуваат дека технологијата со високи фрекфенции ќе ги направи новите телефони и базни станици исклучително штетни. “Колку е повисока фрекфенцијата, толку е поопасна за живите организми” тврди репортер на РТ.
Вистината е сосема спротивна, тврдат научниците. Колку е повисока радио фрекфенцијата, толку помалку продира низ човековата кожа, со што се намалува изложеноста на внатрешните органи, вклучувајќи го и мозокот.
Испитувањата спроведени во САД покажуваат дека сигналите од 2Г можат да предизвикаат рак на мозокот кај машки стаорци, но научниците тврдат дека луѓето примаат многу помали дози и затоа 5Г технологијата, треба да е побезбедна од претходните генерации.
Од каде доаѓа ризикот и загриженоста?
5Г антени ќе има на секое возило, сензорите во паметните градови ќе бидат поставени на улични светилки, а ќе мора да бидат поставени и во домовите бидејќи милиметарските бранови не можат да поминуваат низ ѕидови. Но ова не се местата од каде што ќе доаѓа најмногу радијацијата. Како и сега, со 3Г и 4Г мрежите, најмногу радијација ќе доаѓа од смарт телефоните. Антените и постаментите со сензори ќе произведуваат многу помалку радијација во споредба со телефоните.
Оваа расправа е во тек, низ европските институции се поднесуваат документи, истражувања, но засега нема извештај кој би потврдил во корист на едната или другата страна. И оваа неизвесност е идеална за ширење пропаганда.
Локализирана руска пропаганда
Наслови од типот, „Ако 5Г убива птици ќе убива и луѓе, „Примената на 5Г уби над 250 птици во Холандија“ и слични небулози се појавуваат во добропознатата група медиуми во земјата, а се пренесуваат и на социјалните мрежи, повторно меѓу кругови и групи во кои може да се забележи восхит од теориите на заговор и руската пропаганда.
Тимот на F2N2 ги истражи овие написи на глобално ниво и дојде до следните заклучоци:
- 5Г не убива птици
- Во Холандија не страдале птици
- Во Холандски парк бил извршен тест на 5Г и истиот нема никаква врска со поморот на птиците
- Овие написи во серија ги прави фанатик со име John Kuhles кој има повеќе анти 5Г сајтови и сајтови со теории на заговор
- John Kuhles е истиот човек што тврдеше дека силните пожари во калифорнија кои однесоа човечки жртви беа предизвикани директно од силно енергетско оружје кое е одмазда на „Владејачките елити“ врз земјата која го забрани ширењето на 5Г технологијата.