Сè уште незакрепнати од ковид-пандемијата, која силно ги погоди европските држави, континентот во 2022 година се соочи со нова незамислива криза – војна во Украина.

Додека некои во кризата видоа шанса за енергетска транзиција, други овозможуваа кризно профитерство финансирано со буџетски пари преку сектори клучни за државата и граѓаните.

Една таква земја е и Македонија, се вели во истражувањето на ИРЛ.

Сѐ започна откако во август 2022 година, кога Министерството за економија објави дека ќе се прогласи состојба на енергетска криза во секторот за електрична енергија за да се обезбеди стабилно снабдување за домашните потрошувачи.

Тоа вклучуваше повеќе буџетски пари за државните компании за производство и транспорт на енергија, како што се Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и Македонскиот електропреносен систем-оператор (МЕПСО). Со дополнителните финансии требаше да се обезбедат доволни количини јаглен и нафтени деривати за домашните термоелектрани.

По повеќе од три и пол години управни тужби против државната компанија ЕСМ и Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, кои беа водени од новинарите на ИРЛ поради одбивање да се обелоденат милионски договори за набавка на јаглен, успеавме да откриеме каде завршиле дел од парите.

За време на енергетската криза од 2022 до 2025 година државната компанија склучила договори за набавка на 4,6 милиони тони лигнит, за кои било договорено нетранспарентно да се потрошат над 283 милиони евра.

Парите завршиле кај мал број фирми, најчесто наменски и набрзина формирани за да ги добијат тендерите за лигнит. Станувало збор за примамлив бизнис кој предизвикал интерес кај дури 23 компании да достават понуди на огласите на ЕСМ.

Големи разлики во цените

Заобиколувајќи го Законот за јавни набавки, кој дозволува исклучок бидејќи станува збор за набавка на енергија или гориво, преку јавни огласи за РЕК „Битола“ биле склучени 15 договори за набавка на јаглен со единаесет различни компании. Биле склучувани и анекси за промена на количините, местото за набавка и цената.

Најголем дел од јагленот доаѓал од Грција, а дел и од Албанија. Помали количини било договорено да се увезат од Бугарија и Косово, a мал дел бил набавен и од македонски рудници.

Цената за РЕК „Битола“ варирала од најниски 45 евра за еден тон лигнит, до највисоки 88,5 евра. Таа се одредувала според енергијата што може да се произведе, а варирала од околу 450 денари до 599 денари за еден гигаџул енергија.

Меѓутоа, овие продажни цени кои се постигнати во договорите со ЕСМ откривме дека значително се разликуваат од набавните цени по кои компаниите го увезувале јагленот од странство.

Според увозните декларации што ги доби ИРЛ од Царинската управа, цените на увезениот јаглен од Грција биле поконкурентни отколку од Албанија. Освен набавната, во цената е вклучен и трошокот за транспорт, па таа се движи од 45 евра за увезен еден тон лигнит од Грција во 2022 година, 41 евро за тон во 2023, до 39 евра во 2024 година.

Од Албанија, пак, каде што се смета дека има покалоричен односно поквалитетен лигнит, но трошокот за транспорт е повисок поради поголемата оддалеченост, просечната цена на еден тон била 47 евра во 2022 година, 54 евра во 2023 и 63 евра во 2024 година.

Кон Грција милиони, кон Македонија камиони

Најскап договор за јаглен, по цена од 70 евра за еден тон без вкалкулиран ДДВ, државната компанија ЕСМ склучила скопската компанија „Зобек мининг груп“. Таа беше во фокусот на јавноста на почетокот на годинава, кога Управата за финансиска полиција го замрзна нејзиниот имот под сомнеж дека таму завршувале државни пари од тендери за инфраструктурно уредување што ги добивала од Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ДТИРЗ) додека нејзин директор беше Јован Деспотовски од СДСМ.

Договорот со „Зобек мининг“ бил склучен во септември 2023 година, првично за испорака на 200 илјади тони јаглен за РЕК „Битола“ во рок од една година. Со два анекса количината на испорака била зголемена, прво за 40 илјади тони, па за уште 48 илјади тони, до вкупно 288 илјади тони.

За таа цел компанијата „Зобек мининг“ склучила договор со грчката компанија „Лигниторихиа Ахлада“ која е концесионер на истоимениот рудник за ископ на јаглен, „Ахлада“, во регионот на Лерин, од каде што е набавена целата количина.

Во тој период во грчката јавност се отвори дебата за, како што се велеше, ниската цена по која Македонија увезувала јаглен од овој рудник, па тоа нѐ поттикна да ја истражиме и крајната цена што ја договориле од ЕСМ.

Според официјално соопштение од „Лигниторихиа Ахладас“ пратено до грчкото Министерство за енергетика, а до кое дојде ИРЛ, од овој рудник во 2023 година во Македонија биле продадени 768 827 тони лигнит, по цена меѓу 28-30 евра по тон.

Сопственик на „Зобек мининг“ е македонскиот државјанин Енис Колашинац.

Кога првпат се видовме со него, прво што ни кажа е дека ова е прва негова средба со новинари, иако повеќе медиуми му го споменуваа името кога добиваше тендери од ДТИРЗ, потоа кога се отвори и истрага, но и за набавките на јаглен.

Од увидот на договорите склучени со компанијата „Лигниторихиа Ахладас“ се уверивме дека набавната цена варира од 30 евра за тон во 2023 година до 35 евра за тон годината потоа. Но, Колашинац објасни дека на оваа цена се додаваат и транспортни и логистички трошоци од уште околу 10 евра по тон. Дури и со тоа, сѐ уште имаше голема разлика до договорените 70 евра за тон со ЕСМ.

„Разликата што ја оствари Зобек Мининг како профит е околу 3,2 евра по тон од оваа набавка на јаглен“, ни рече Колашинац.

На втората од вкупно три средби што ги имавме со него тој ни кажа дека морал да ангажира и друга компанија која, меѓу другото, требало да врши ископ на јагленот во грчкиот рудник. Кога прашавме која е таа компанија, ни одговори дека е бугарска.

Државни пари за јагленот завршиле кај Вице Заев

Стануваше збор за компанијата „Гомасидра“, регистрирана во Петрич, Бугарија, во сопственост на Вице Заев, брат на поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев.

„Јас воопшто не знаев која е компанијата. За тоа ме информираа од банката преку која одеа плаќањата откако ги прекинаа сите исплати и ми кажаа да си најдам друга банка затоа што ова е фирма на Вице Заев“, ни рече Колашинац кој патем не крие дека е голем пријател со експремиерот.

Збунувачки беше тоа што во договорот на „Зобек мининг“ со грчкиот рудник воопшто не е спомнато дека друга фирма треба да прави ископ. Во членовите 2.1 и 2.2 пишува: „…продавачот (Лигниторихиа Ахладас) се обврзува да ja стави на располагање потребната количина лигнит за испорака според месечниот распоред. Продавачот се обврзува да ги преземе и плати сите трошоци за товарење на лигнитот.“

Веќе на третата средба Колашинац ни го покажа договорот со компанијата „Гомасидра“, која е регистрирана на иста адреса во Петрич со повеќе други фирми на Заеви, а каде што се наоѓа и компанијата „Пауер ај 8“(POWER i8 Ltd) на сегашниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, а за која ИРЛ веќе пишуваше. Договорот не ни дозволи да го фотографираме, туку само да го прочитаме. Најбитно му беше да се задржиме на членот 4, каде што во детали е опишано кои се обврските на фирмата на Вице Заев.

Во договорот за трговско застапување, „Зобек мининг“ се обврзал дека за секој продаден тон јаглен ќе ѝ исплати на „Гомасидра“ по 47 евра, што е повеќе отколку цената на чинење на самиот јаглен, што е од 40 до 45 евра со транспорт.

За возврат, „Гомасидра“ се обврзала:„…во име и за сметка на налогодавецот Зобек, ќе постигнува договори за купопродажба на јаглен со трети лица, навремено ќе го известува и ќе се грижи за неговите интереси; потоа обезбедување работни простории во непосредна близина на местото на утовар; обезбедување опрема и неопходна механизација; калибрирање на јагленот согласно бараната гранулација; доколку е потребно десулфуризација до потребното ниво на сулфур; отпрашување на јагленот до прифатливо на пепел; и организирање брз и непречен утовар на јагленот и брзо и непречено пристигнување на крајната дестинација иако превозот на јагленот, во смисла на ангажман на возила и транспортни трошоци, е обврска на налогодавачот и тој самиот си ја плаќа“.

Меѓутоа, со овој трошок кон „Гомасидра“, за „Зобек мининг“ да биде профитабилен, јагленот требало да го продава за најмалку 90 евра по тон, зашто по договорената цена од 70 евра немало бизнис-логика да влегува во оваа зделка.

Кога го прашавме Колашинац за оваа пазарна нелогичност, ни рече дека не значи оти сѐ што е напишано во договорот со „Гомасидра“ е исплатено.

Меѓутоа, според податоците за реализираните договори (испорачана количина и исплатена сума) од ЕСМ, договорот со „Зобек мининг“ вреден 20,3 милиони евра за производство на топлина бил исцрпен со помала количина покалоричен јаглен од предвидените, односно 244 илјади тони, така што реализираната просечна цена по тон скокнала до 82,5 евра.

За Вице милиони, за Филипче ауди“

За разликите во цената објаснување ни даде и сопственикот на „Гомасидра“, Вице Заев, кој писмено одговори на нашите прашања. Тој вели дека цената од 47 евра по тон во договорот била наведена како горна граница, но на крајот, како што тврди, му биле исплатени помалку.

За постигнување поголем квалитет на јагленот, согласно бараните стандарди на крајниот купувач, исплатени се по 37 евра по тон, изјави Заев за ИРЛ.

Тој ги потврди обврските наведени во договорот за подготовка на јагленот согласно спецификацијата на купувачот (ЕСМ), што вклучувало калибрирање, десулфуризација, отпрашување, утовар и вагање, како и логистичка поддршка при транспортните процеси.

Според пресметките на оваа сума и вкупната испорачана количина јаглен, произлегува дека „Гомасидра“ од оваа зделка инкасирала околу 9 милиони евра. Деталниот преглед од годишните сметки на „Зобек мининг“ покажува дека вакви милионски суми расходи се евидентирани во ставките „услуги со карактер на материјални трошоци“ и „останати расходи од работењето“.

Но, за разлика од Колашинац, кој тврдеше дека воопшто не знаел која компанија е ангажирана за ова, Заев ни рече: „Со ‘Зобек мининг груп’ сме долгогодишни деловни соработници во повеќе стопански области преку правни субјекти регистрирани во Македонија.“

На прашањето какво искуство има неговата фирма „Гомасидра“ во оваа индустрија, Вице Заев одговори:

„Во деловната активност со енергетски ресурси Гомасидра има искуство со јагленот во Грција, Романија и Бугарија. Бизнис-ориентацијата на Гомасидра се ЕУ и пошироко. Во Македонија сѐ уште не сме имале таков предизвик.“

И финансиските извештаи на „Зобек мининг“ покажуваат дека државните зделки им донеле солиден профит. Во 2023 година компанијата прикажала профит од 3,7 милиони евра, што е за 78% повеќе отколку годината претходно, меѓутоа во 2024 година фирмата била во загуба од 940 илјади евра.

Инаку, фирмата „Гомасидра“ е отворена на 1 јуни 2017 година, наменета за меѓународен транспорт, шпедиција, рентакар, како и продажба и издавање на недвижен имот. Вице Заев е единствен сопственик, а до мај 2021 година управител заедно со него бил и Трајче Заев, негов прв братучед и деловен партнер. На истата адреса фирми имаат Венко Филипче, како и Трајче и Бобан Заеви.

Фирмата „Зобек гроуп“ ДООЕЛ Скопје е основана на 1 ноември 2010 година. Прв сопственик бил извесен Селам Нуиновски од Скопје. На 15 септември 2021 година фирмата ја купил Енис Колашинац и добила ново име – „Зобек мининг груп“ ДООЕЛ Скопје.

Во текот на 2022, 2023 и 2024 година „Зобек мининг“ добива и пет големи тендери за градежно уредување на зоните од Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони додека директор е Јован Деспотовски. Вкупната вредност на договорите е 25 милиони евра.

На крајот на 2024 година Основното јавно обвинителство Скопје, по пријава од Финансиската полиција, отвори предмет за злоупотреба на службената положба за Деспотовски и уште седум лица од Бирото за јавни набавки и Државна комисија за жалби за добиените тендери на „Зобек мининг“ за ТИРЗ Штип и ТИРЗ Струмица. Обвинителството му го одзеде пасошот на Деспотовски, побара замрзнување на банкарските сметки и имотот на „Зобек мининг“.

Енис Колашинац потврди дека возилото било земено на лизинг за компанијата, но денес е во лична сопственост на Филипче.

„Боро и Рамиз“ во милионскиот бизнис со јагленот

Не е само „Зобек мининг груп“ исклучок во друштвото на фирми кои за време на енергетската криза увезувале јаглен за потребите на АД ЕСМ. Анализираните договори и лицата што стојат зад десетте компании покажуваат дека повеќето влегле во бизнисот набрзина или без претходно искуство во оваа сфера. Како што новинарите на ИРЛ открија, дел од фирмите биле формирани непосредно пред или по објавата на јавниот повик, а нивните сопственици и управители никогаш дотогаш не биле вклучени во бизнисот со енергија.

ИРЛ ги контактираше раководствата на сите фирми увознички. Но, наместо објаснување за високите цени на јагленот, некои од нив беа нељубезни и не сакаа да говорат за милионскиот бизнис со државната компанија.

Еден од нив е и Аљибер Ибраими од Мала Речица. Тој е сопственик на две фирми кои за време на енергетската криза добиле три државни тендери во вредност од 12,8 милиони евра. Компаниите „Куантум солушнс“ и „Енергија икс“ биле формирани на 29 март и 4 мај 2022 година, непосредно по распишувањето на повикот на АД ЕСМ на 25 март истата година. Регистрирани се на две различни локации во скопската населба Карпош.

Документите од Централниот регистар покажуваат дека Аљибер Ибраими во „Енергија икс“ е содружник со извесна Ана Христовска од Скопје. На 2 јуни и на 21 јуни 2022 година склучиле два договора со ЕСМ во вредност од околу 6,6 милиони евра за набавка на јаглен за РЕК „Битола“. Јагленот го носеле од рудниците „Селенице“ во Албанија и „Ахлада“ во Грција.

Но, веднаш по добивањето на тендерите, од фирмата „Енергија икс“ си заминала Ана Христовска. Својот удел му го продала на Ристо Чокрев од скопската населба Аеродром, поранешен ракометар и дел од раководството на ракометниот клуб Металург. Подоцна од фирмата излегол и Аљибер Ибраими, па сега сопственик на „Енергија икс“ е само Чокрев.

Освен со „Енергија икс“, Аљибер Ибраими на повикот за набавка на јаглен конкурирал и со втората новоформирана фирма „Куантум солушнс“. Во оваа компанија Ибраими бил единствен сопственик кога на 4 јуни 2022 бил склучен договор со АД ЕСМ за набавка на јаглен од рудникот „Ахлада“ за РЕК „Битола“. Два месеца подоцна, во август, содружник на Ибраими во фирмата му станува Лазар Кимов од Кавадарци.

ЦЕЛОТО ИСТРАЖУВАЊЕ НА ИРЛ