На собраниската расправа за интерпелацијата на Африм Гаши, пратеник од „Вреди“, во контекст на муабетот дека шота ќе се играло и во Приштина и во Тирна и во Скопје, се додека постои и еден Албанец, истакна дека во 1912 година Албанците го ослободиле Скопје од Османлиите. Како изгледало тоа наводно „ослободување“? Еве што велат историските факти за тој настан, а кои се плод на моето истражување

Дарко ЈАНЕВСКИ

Тезата дека Албанците го ослободиле Скопје во 1912 година не е нова. Таа беше истакната уште пред неколку години, тогаш крена малку повеќе прашина од сега, но потекнува од Платформата на Албанската академија на науките за решавање на албанското национално прашање од 1998 година, а рамки на докажувањето дека половина Македонија е албанска.

Албанската приказна за ослободувањето на Скопје која ја форсира нивната „објективна“ историја (оти штом е албанска таа поинаква не може ни да биде, за разлика од македонската за која ете, и Грците и Бугарите и Албанците, а и некои Македонци тврдат дека е фалшлива), е дека по востанието на Косово во 1912 г., и по извојуваните „победи“ над отоманската војска, албанските востаници решиле да го ослободат главниот град на нивната историска Дарданија и главниот град на нивниот Косовски вилает – Скопје. Речено-сторено и по неколку дена, победничката албанска војска влегла во Скопје.

Ако приказната е таква, нема никава пречка овој датум скопјани да го слават како ден на ослободување на сопствениот град, наместо 13 ноември 1944 година. Посебно што овој вториов има фалинки: прво, обоен е идеолошки, зашто е врзан со создавањето на комунистичка Југославија и, второ, што е многу побитно, се случува многу касно. И не само тоа: ако можеме од ослободувањето на Крушево на 2 август 1903 година да создаваме цела претстава, тоа секако го заслужува и ослободувањето на денешниот главен град на РМ – Скопје, на 12 август 1912 година!

Нормално, секој таков настан претпоставува потрага и по хероите од епопејата што се слави. За Крушево тоа се Никола Карев и Питу Гули, за Илинденското востание во Костурско тоа се Васил Чакаларов и Лазар Поп Трајков, за Смилево – Даме Груев. Кои се албанските херои во битката за ослободувањето на Скопје и зошто антиалбански настроените „Славомакедонци“, сега прекрстени во „Северномакедонци“ не им оддаваат должна почит на тие јунаци?

КАДЕ Е БИТКАТА?

Меѓутоа, потрагата по хероите, посебно ако се обидете да консултирате барем малку од малку независен и објективен извор, е прилично тешка, зашто таа потрага поаѓа од претпоставката дека при ослобдувањето на Скопје имало борба, дека во таа борба наспроти храбрите следбениците на Скендербег биле „клетите Турци“. Потоа дека тие клети Турци потклекнале пред нескротливата желба за слобода на Албанците, а тие Турци што успеале да се спасат, кукавички се повлекле од Ускуб, кој веќе од наредниот ден станал Ушкуп. И таков останал се до доаѓањето на Србите, неколку месеци подоцна.

Арно ама, таквата приказна тешко се составува. Нема борба, нема ослободители, нема загинати, нема ранети. Накусо кажано – нема битка за Скопје. Какво е тогаш тоа ослободување на „главниот албански град“ од источната страна на Шар Планина?

Во август 1912 година, војната меѓу балканските сојузници од една и Отоманската империја од друга страна, едноставно висела во воздухот. Турската војска била помоќна од секоја од поединечните балкански армии, но прашањето за способноста во исто време да се војува на неколку фронта, сепак, предизвикувала главоболки во Стамбол. Згора на тоа, се случила и серија од настани кои дополнително ја искомплицирале ситуацијата. На 19 јули 1912 г. (по стариот календар) се случил познатиот масакр во Кочани, кога по две подметнати бомби на пазарот, османлиските војници убиле преку 100 жители, а нивните тела ги довлечкале на местото на експлозијата за да изгледа дека загинале од бомбите.

По масакрот, во Бугарија се одржани низа демонстрации. На едни од нив, во Софија, учествувале за тоа време неверојатни 30 000 лица, барајќи од сопствената влада да и објави војна на Турција. На 31 јули министерот за одбрана на Бугарија наредил сите офицери да ги прекинат одморите и отпустите и под итно да се јават во своите единици, што било повеќе од јасен знак за војната што следи.

Во меѓувреме, сериозно биле влошени и односите меѓу Турција и Црна Гора, која најавила прекинување на комуникацијата со Истанбул. Султановиот двор не би бил загрижен за гестовите на Црна Гора, доколку тоа не значело дека за војна се подготвува и Србија.

Во такви услови, најмалку што царскиот двор сакал е да ги разводнува и троши своите сили на борби со Арнаутите кои на Косово имале кренато востание. Белградска Политика во тие денови за ова пишува:

„Заострените односи меѓу Турција и овие две балкански држави (Бугарија и Црна Г., м.з.) значат толкава опасност што турската влада, според сите знаци, е подготвена на целосно попуштање кон Арнаутите и на други мерки на попуштање за да воведе ред во војската (во која имало многу Арнаути, м.з.). Нејзиното држење покажува дека таа се подготвува за војна со овие две држави“.

Значи, во услови на подготовка за војна, Истанбул не сакал дополнително да ја влошува ситуацијата со Албанците, кои во голема мера партиципирале и во самата османлиска војска (според турски историски извори, токму нивното дезертерство на вториот ден од Кумановската битка меѓу Турција и Србија во Првата балканска војна, како последица на итрина на Србите кои пуштиле лажен глас дека на Косово се случува масакр врз Албанците, во значителна мерка ја овозможило победата на Србите). Впрочем, дотогаш, Арнаутите биле лојални сојузници на турската држава и војска, посебно кога требало да се задушуваат востанија како Илинденското, да се опљачкаат запалените христијански села или да се убиваат странски дипломати како рускиот конзул Ростковски во Битола во 1903 година.

Поради тоа, била формирана комисија на османската држава која требало да преговара со востаниците од Косово. Незадоволни од преговорите, албанските востаници тргнале кон Скопје. Како изгледало тоа, може да се види од извештаите кои велат дека, на пример, „на 26 јули 1912 година во Скопје, со воз стигнале 40 Арнаути, од кои шестмина биле вооружени“. Или на 30 јули 1912 г. Скопје стигнале 50 вооружени Арнаути од околината на Ѓаковица со товарен воз на турската железница, кој минал крај сите контроли на турската војска. Тоа не го менува фактот дека многу од нив дошле пешки и вооружени, но, сепак, делува прилично чудно ова ослободување, делумно извршено и со симнување на тогашната железничка станица во Скопје.

Голем број албански „ослободители“ на Скопје од Косово минале низ оваа железничка станица како најобични патници: Железничката станица во Скопје 1912 г.

МАРШ ДОМА!

Во меѓувреме, на 25 јули се случил силен земјотрес во Мраморното Море со илјадници жртви, кој го потресол и Истанбул. Истиот ден во Скопје бил сменет Зеки паша, главен командант на операционата османска војска, 12 дена откако бил назначен на функцијата. До смената дошло зашто не се согласувал со пуштањето на вооружени Арнаути во Скопје, па околу градот поставил топови и војска, а низ скопските улички вовел деноноќни коњички патроли. Наместо тоа, стигнала наредбата од Истанбул турската војска да не го попречува влегувањето на Арнаутите во Скопје и во Куманово (каде останале три дена).

Така, на 1 август 1912 година во Скопје веќе имало околу 3 000 Арнаути (подоцна тој број уште повеќе се зголемил, па според некои проценки изнесувал и 10 000 лица, што се чини е прилично претерано), додека најмалку два пати повеќе турски војници, добро наоружани, мирно си седеле во гарнизонот на Кале, почитувајќи ја наредбата и очекувајќи го започнувањето на војната со Србија.

Поглед кон скопското Кале во 1912 г., каде била стационирана турската војска која имала наредба да ги пушти албанските востаници во Скопје

Истот ден, арнаутски чети тргнале и кон Велес. На 2 август, во Скопје влегла и свечена поворка од 40 пајтони со Арнаути следена од музика. турците сето тоа мирно го гледале, а можете да го замислите тоа „ослободување“ на Скопје со фијакери кои минуваат покрај вооружената турска војска. Нив им се придружил водачот Бајрам Цури кој наредил ослободување на сите затвореници. Според извештаите кои биле испраќани во Белград кој радосно го следел ваквиот развој на настаните, Арнаутите ја презеле улогата на полиција во Скопје, но во градот владеел необичен ред. Сепак, забележлива била нервозата кај турските власти, посебно по неколку инциденти кои можеле да се изродат во посериозна пресметка.

На 3 август било соопштено дека сите барања на косовските востаници се прифатени (меѓу нив и тоа да служат во турската војска во своите краишта) и било побарано тие да го напуштат Скопје. Овие одбиле барајќи отштета за штетите на Косово во износ од 1,3 милиони лири. И тоа барање било прифатено со мала забелешка – нема од каде да се најдат пари за да се изврши исплатата, што јасно посочувало на играта што од Истанбул се води со албанските востаници.

Тие денови во Стамбол дошло и до смена на владата, па веќе во првиот миг на консолидација на државата, стигнала наредба во Велес веќе да не се дозволува влез на Арнаутите, а Xавид паша од Битола добил дозвола во случај на потреба да ги употреби топовите. Било испратено и предупредување дека кон Велес веќе се испратени турски единици од Битола и Солун. Наредните денови некои од водачите на Арнаутите, како Бајрам Цури, дури биле одликувани од султанот, што е веројатно дополнителен предизвик за Албанската академија и з апратеникот во македонското Собрание кој говореше за „ослободувањето“ на Скопје: има ли друг пример во историјата кога една власт му дала орден на тој што се борел против нејзе? Но, веднаш потоа следело барање да го напуштат Скопје, откако претходно великиот везир испратил абер од султанот кој изразил разочараност од однесувањето на своите верни поданици. Заминувањето на Арнаутите од Скопје се случило невидено организирано и брзо, па веќе на 8 август 1912 година, градот одново наликувал како десетина дена пред тоа. Голем број Албанци заминале пешки, но не бил мал бројот и на тие што си отишле така како што и дошле – со воз. Со тоа завршила приказната за наводното ослободување на Скопје од албанските востаници во 1912 година.

Бајрам Цури, кој бил награден од султанот

Следеле отприлика месец и половина на подготовки меѓу балканските држави, по што започнала Првата балканска војна во која српската војска, без многу проблеми, го освоила Косово. Постојат податоци за тоа како се одвивало освојувањето: дури и да има претерување во нив, тие се доволно застрашувачки. Своите импресии за тоа, како новинар, ги запишал и Лав Троцки, еден од подоцнежните водачи на Октомвриската револуција во Русија, кој стигнал дури до Скопје во моменти кога градот веќе бил во рацете на српската војска. Но, тоа не го менува фактот дека врз телата на многу загинати Албанци, денес се пласираат прилично извртени приказни кои не се ништо друго освен обичен обид да се создаде нова извртена приказна – дека Скопје, историски гледано, е албански град или во најмала рака град кој во еден дел од својата историја живеел слободно благодарејќи на ослободителите – Албанци.