Индија е најопасната држава за жените, со висок ризик од сексуално насилство и подложност на ропски труд. Ова го покажа истражувањето на експерти од цел свет, кое беше објавено денеска.

На второ и трето место во светот се Авганистан и Сирија, се наведува во истражувањето на Фондацијата „Томсон-Ројтерс”,  во кое учествуваа  околу 550 експерти за проблемите на жените.

На четврто и петто место се Сомалија и Саудиска Арабија.

САД се на десетто место, и на трето место по опасност од сексуално насилство, вознемирување и принудување на сексуални односи.

Индија е на врвот на листата, бидејќи е најопасна за жените во три аспекти: сексуално насилство, вознемирување и трговија со жени, вклучително и за принудна работа и сексуално ропство.

Авганистан е најопасна држава во светот за жените по три показатели:  насилство, недостаток на здравствена заштита и пристап до економски ресурси.

Сирија е на второ место по опасност за насилство против жените (поврзано со конфликтот и домашно насилство),   како и недостаток на здравствена заштита.

Сомалија, која е во конфликт од 1991 година, е рангирана на третото место меѓу земјите каде што жените се изложени на ризик од недостаток на здравствена заштита и на културни и традиционални обичаи, кои се штетни за нив. Ова е исто така петта земја каде што жените имаат најмалку пристап до економски ресурси.

Саудиска Арабија е втора држава најопасна за жените во однос на дискриминација, вклучително и на работното место, како и во однос на пристапот до учество во економијата.

Пакистан е на шестото место во општата класификација и на четврто место по пристапот до економски ресурси и дискриминацијата и опасноста од обичаи кои вклучуваат „убиства поради чест”. Земјата е исто така петта  по несексуално насилство.

Демократска Република Конго е седма на заедничката листа. ОН предупредуваат дека милиони луѓе во земјата живеат во ужасни услови. Земјата е втората најопасна во однос на сексуалното насилство и е меѓу седмата и деветтата позиција по останатите проблеми.

Јемен е на осмото место поради слабиот пристап до здравствена заштита, економски ресурси, обичаи опасни за жени и несексуално насилство. Земјата е зафатена со хуманитарна криза, а на 22 милиони луѓе им е потребна помош од витално значење.

Нигерија е на деветто место на заедничката листа, а групи за човекови права ја обвинуваат армијата за тортура, силувања и убиства на мирни граѓани при деветгодинишниот конфликт со екстремистите од Боко Харам. Нигерија го дели со Русија четвртото место по опасност од трговија со луѓе и шесто – по опасност од традиционални обичаи.

САД се единствената западна земја во првите десет, односно го зазема 10-тото место. Тие со Сирија го делат третото место по опасност од сексуално насилство, вклучувајќи силување, сексуално малтретирање, принудување на сексуални односи и недостаток на пристап до правдата во случаи на силување.