Само околу 16,5 отсто од Ромите во регионот се вработени, додека вкупната стапка на вработеност во земјите од Западен Балкан лани изнесувала 41, 57 отсто.

Во Македонија има најголем број вработени Роми – 22 отсто, покажуваат податоците од истражувањето за Ромите во земјите од Западен Балкан направено во 2017 година од УНДП и Светската банка со помош на Европската комисија.

Резултатите од истражувањето беа презентирани денеска на регионалната конференција за иновативни пристапи за вработување на Ромите, што заеднички ја организираат Советот за регионална соработка (РСС) за интеграција на Ромите 2020 и Платформата за вработување и социјални прашања, како и Фондот за образование на Ромите. Претставниците на овие организации укажуваат на итна потреба за содавање можности за вработување на Ромите и промена на пристапот кон ова прашање на земјите од регионот во согласност со стратешките евроинтеграциски цели.

Според презентираното истражување, меѓу 73 и 86 отсто од младите Роми, на возраст меѓу 18 и 24 године, не се вработени, не се едуцираат и немаат соодветни обуки. Освен тоа, анализата за извештајот за напредокот за спроведување на политиките за интеграција на Ромите во 2017 година која им се доставува на владите од земјите од Западен Балкан покажала дека вкупно 54 отсто од мерките за вработување во планираните национални акциски планови за интеграција на Ромите во целост или делумно се реализирани , што укажува на потребата за унапредување во наредниот период.