Пишува: Блаже Миневски     

 Македонските неуспешни востанија и владеењето на Османлиското царство на овие простори се до 1912 година се главните причини за задоцнетиот почеток на процесот на „европеизација на приватноста“, кој кај некои од другите соседни народи започнал уште од почетокот на 19 век, односно со појавата на нивните современи национални држави, смета д-р Бранислав Светозаревиќ, кој преку истражувањето на животот на  Македонците во Тетово, односно  преку „историјата на секојдневието“ или „историјата на приватноста“, всушност ја разоткрива суштината на секојдневниот живот на Македонците во првата половина на минатиот век.

Според огромната документарна граѓа собрана за време на дваесетгодишното истражување на тетовското „секојдневие“ и „приватноста“, граѓанските навики кои се негувале во Тетово не дозволувале во историски критичните моменти да дојде до тотална граѓанска меѓунационална војна во која последиците би биле катастрофални.

Во вековите заедничко живеење се создале вредности кои исплеле нишки на меѓусебно почитување на разликите и непишани морални правила кои што имале универзални врердности. Тие вредности ги почивале разликите, а ги санкционирале  сите постапки што ги рушеле заедничките вредности, вредностите кои учеле дека меѓусебното почитување и заштита одат во прилог на сите граѓани, како во чаршијата, така и меѓу соседите.

Оттука, смета Светозаревиќ, новодојдените во градот требало да се приспособуваат кон овие вредности,  а  нив не можеле да  ги откријат луѓето кои накратко доаѓале во Тетово. Некои од нив ги насетувале, но не можеле сосема да ги одредат и прифатат. А тие вредности се „криеле“ во секојденвното живеење, комуницирање, во разните сиотуации во кои се ставали на испит совеста и разумот, во макотрпното градење доверба низ стотици и илјадници навидум безначајни примери на соживот.

Доселеници и староседелци

Сепак за време на Втората светска војна миграцијата на населението се зголемила. Поголем број семејства од селата во Полог се доселувале во Тетово. Таков драстичен пример бил со Македонците од гостиварското село Сенокос, кои во 1942 година, по убиството на нивниот првенец Павле и заканите за убиства на другите, комплетно се иселиле од ова село. Според сведочењето на осумдесет и петгодишниот Владо Србиновски,  пензионер од Тетово, во празните куќи на  протераните Македонци од Сенокос се вселиле Албанци од околните села, а Македонците веќе никогаш не се вратиле на свооте имоти. Еден Македонец, кој во 1949 година се обидел да ги собере сливите во својот овоштарник во селото, бил убиен од Албанците доселени во испразнетите куќи на Македонците. Сличен е случајот и со Македонците од соседното село Градец кои континуирано се иселувале пред злосторствата на Албанците. Последните Македонци биле протерани од селото за време на Втората светска војна.

Слична судбина имале и Македонците од тетовското село Требош, кои во најголем дел се преселиле во Тетово. Во тоа време имало и големо иселување на Македонците од Тетово, кои, под притисок на  балистичката власт во градот, бегале во Скопје, каде што постоел дури и Одбор кој ги примал бегалците и ги распоредувал по домови кои биле напуштени, а некои од нив се сместувале по роднини. Дел од тетовските бегалци биле сместиле во селото Огњанци кај Зелениково, Скопско. Во Огњанци биле сместени во куќите  на некогашните српски колонисти, кои за време на војната се вратиле во Србија и другите краишта од каде што потекнувале.

Според истражувањето на Светозаревиќ, градот Тетово во првата половина на 20 век по националната поделеност на маалата и неговите функции, сликовито може да се прикаже како „куќа со две спални и една дневна, работна просторија“. Во спалните се наоѓале христијанските  и муслиманските мааала и домовите во нив, и таму се одвивал интимниот живот на луѓето, строго врзан за религиозните и обичајните правила, а во дневната или работната соба, односно чаршијата, се мешале и меѓусебно комуницирале и работеле луѓе од двете религии. Заедничкиот  живот на разлучните националности и вери најмногу бил изразен во чаршијата, каде што најмногу важеле правилата на пазарот и борбата за опстанок.

Затоа авторите што оставиле пишани сведоштва за Тетово од тоа време ја истакнуваат мешавината на влијанија, јазици, несекојдневни појави и обичаи како последица на  политичкото и верското минато, што било карактеристика на повеќе градови во Македонија, па и на Тетово. Станува збор за мешањето на секојдневните обврски и соживотот. Влијанието на различните народи, религии и култури придонеле во градот да живеат муслимани-бектеши, потоа повеќе фисови Албанци, со многу различни дијалекти, кои меѓу себе се разбирале само на српски или македонски јазик; Албанци што пред неколку колена биле Срби или Македонци, односно Турци, кои не знаеле турски, и кои во куќите се уште чувале икони, но и православни на кои оџите и дервишите им прават записи, им читаат молитви, или Албанци што посетуваат цркви и манастири итн. Во секој случај, соживотот бил секојдневие  а не „политичка програма“, барем за староседелците.

„Една од причините за населување на голем број Албанци во Тетово е поттикнувањето на тој процес од страна на тетовските паши, кои по потекло биле исто така Албанци од областа Мат. Нив ги доведувале од Албанија како момоци и слуги на чифлиците, а со тоа полека создавале мали колонии на Албанци во Тетово и тетовско. Покрај работната сила, од редовите на Албанците се регрутирале и војниците на тетовскиот пашалак, кои според некои податоци, постојано броеле околу 1000 души. Главната цел на пашите била да се парализира силата на христијанското македонско население, кое во тоа време се уште било мнозинско. Затоа турскиот јазик останал доминантен во тетовската чаршија, а се применувал како деловен јазик и меѓу двете светски војни. Според Ѓорче Петров, меѓунационалните  односи во почетокот на минатиот век биле доста добри, а една од причините за тоа бил и фактот што „Македонците се Мијаци, па по дух се слични со своите  сожители од Албанија“.

Во својот подолг запис за Тетовската  каза, Ѓорче Петров забележал дека „облеката им е  речиси иста, со мали разлики“. Меѓутоа, според него, „во Тетово се уште владее средновековниот фанатизам на Албанците, кои се однесуваат средновековно грубо кон христијаните а овие нема кому да се пожалат“. Сепак, и покрај се, како зеднички одговор на секојдневните насилства во тетовската чаршија, имало и заеднички настапи на еснафите во заштита на обичното население. Во 1900 година во знак на протест за злоделата на албанските банди во Дебар, христијаните во Тетово и Гостивар ги затвориле своите дуќани, а ним им се придружиле и муслиманите. А неретко жртви на албанските банди биле и муслиманите. Всушност секое зголемување на правата на христијаните ги зголемувало и  насилствата. Муслиманите сметале дека им се загрозуваат „интересите на владеачко население“ па во 1905 година Албанците  со големи демонстрации пред тетовската општина барале да се отпуштат од работа сите џандари- христијани“, констатира Светозаревиќ во своето истражувае за општествено-политичкиот живот и културата на живеење во првата половина на минатиот век  во Тетово.

Според него, врз големите миграции и демографски промени во овој дел на Македонија најголемо влијание одиграло насилното навлегување на Албанците во селата на Шар планина и Полог, кое се одвивало речиси без прекин од Австро-турската војна во 1689 година до дваесетите години на минатиот век, а таквите тенденции со гболем интензитет се повториле и во Втората светска војна. Огромниот број извори за ваквиот процес укажуваат на повеќе насилни методи – убиства, пљачкосувања, малтретирање, грабежи на движен и недвижен имот, палежи на куќи и цели села, насилно исламизирање и други зла, кои го направиле животот на Македоците во Полог речиси невозможен.

Како резултат на овие насилства дошло до принудно иселување на  Македонците од селата во Полог во Тетово, но и низ Македонија и во повеќе тогашни балкански држави.

Македонците и бектешите

„По Првата светска војни Македонците во Тетово се понадевале дека со доаѓањето на српската власт на овие простори ќе се исправи дел од неправадата но до тоа не дошло, поточно, тие не ја добиле ниту морална ниту материјална сатисфакција. Имено, српските власти по 1918 година со еден потег на перото ги озакониле сите поседи на Албанците во Полог кои насилно ги презеле од Македонците во турскиот период. Србите им издале тапии на Албанците.

Според хрватскиот научник Рудолф Петровиќ ваквиот потег на српската власт во очите на ’домашните Словени’, како што тој ги нарекува Македонците, значело легализирање на состојбата која настанала со пљачкосување. Се разбира, ваквите процеси го разградувале соживотот но тој никогаш не бил уништен докрај. Еден мошне позитивен  пример на соживот во Тетово била релацијата меѓу Македонците и Албанците-бектеши.

Бектешите се посебен дервишки ред во муслиманскиот свет. Нивната вера се разликувала од класичното муслиманство пред се затоа што потекнувале од некогашните христијани, кои прифаќајќи го исламот не се откажале од почитувањето на некои христијански вредности. Тоа се одразило пред се во обожувањето на Христос и Богородица, во употреба на лебот и виното, и во повеќе други христијански обреди, како, на пример, почитувањето на  12-те имами, слично со 12-те апостоли, во рамноправноста на  жените, во толеранцијата кон различните вери и друго.

Сето тоа придонесувало бектешите во Тетово, односно дервишите во Арабати-баба теќе да бидат многу почитувани од страна на Македонците. Тие оделе кај нив за совети, за посета на гробот на Серсем Алија, за кој верувале дека е гробот на Свети Илија, а некои сиромашни христијани добивале и помош во храна или поточно короман, како што се  нарекувал лебот во Теќето. За свои свети места, бектешите ги замале оние на христијаните. Сепак, за време на италијанско-албанската окупација на западниот дел на Македонија, меѓунационалните односи меѓу Македонците и Албанците биле во најкритична фаза.

Во тоа време на власт биле  најреакционерните сили од албанското население, кои вршеле безмилосен терор и албанизирање преку правни и образовни мерики, па се до принуди за иселување. Сепак, покрај трагедијата со семејството Тантовци и неколку други убиства на познати антифашисти, не дошло до масовни убиства и крвопролевање кои драстично би го загрозиле заедничкиот живот“, вели Светозаревиќ.

 

Коцкањето во Тетово било  присутно во сите слоеви!

 

Коцкарите воТетово ги нарекувале комарџије. Според сеќавањата на најстарите тетовчани коцкањето во Тетово било  присутно во сите слоеви, но најугледните граѓани  тоа го правеле дискретно, во  своите кучи или викедички додека другите се коцкале по кафеани. Пред „очите на праавдата“, односно непосредно до Тетовскиот првостепен суд, во шарено кафе имало најголемо коцкање.

Младите кои немале пари играле коцка со тоа што оној што ќе изгубел му се ставало на чело талог од кафе и морал да излезе на улица и да вика:

’Кој има бовча за бања?“

Демек тоа значело дека испаднал магаре,  па ’људите можа да го тоара’.

Меѓу двете светски војни

Унгарките биле најбројни проститутки  во Тетово!

Проституцијата во Тетово во перидот меѓу двете светски војни имала илегална и  легална форма. Во градот  постоеле три места каде имало жени кои се занимавале со ваква дејност, и тоа во хотелот Београд, и во кафеаните Америка и Белака. Проститутките речиси без исклучок биле од други места, и тоа најмногу од Унгарија. Сите што работеле во овој занает секој понеделник оделе на лекарски преглед во Тетовската болница.

Тетовските терзии занаетот го учеле во Париз, Виена и Белград!

Во дваесетите години на минатиот век  во Тетово интензивно започнала да се следи модата, па тоа овозможило терзиоите кои занаетот го научиле во поголемите еврпски градови, како Париз, Виена или Белград,  да користат кројачки шеми за најмодерни облека. Ваквите кројачи во Тетово биле наречени Френк-терзие. Меѓу нив најпознати биле Јоше Моне, Тоде Васовски- Тупанче, Тодор Шуме Хаџи Наумовски, Диме Дедија, Горица Богојевич и други. Сите имале свои кројачки салони во кои занаетот го учеле повеќе ученици, па така во кројачките салони на Тоде Васовски – Тупанче и Горица Благојевиќ имало преку 20 ученици и работници. Девојките и младите жени во дваесетите години носеле долги фустани со мало деколте, спуштена половина, рачно плетени јаки и манжетна. Косите на девојките биле  долги, во пунџа или плетенка наречена  кујрук, кои се носеле само во обични денови. Во празници девојките ги спуштале кујруците  и  врзувале розова свилена машна и по еден алтан. Подоцна се појавиле и првите специјализирани женски фризуро во таласи и фатени  со штипки.

Тетовчани уште во  1873 година писмено комуницирале на македонски јазик!

Според доц. д-р Бранислав Светозаревиќ, Македонците, Тетовчани уште во  средината на 19 век писмено комуницирале на македонски, односно тетовски народен јазик. Потврда за тоа е писмото испратено до патријаршискиот  скопски владика Паисиј од поп Симеон Наумовиќ, односно Симо Кушо,  идниот српски архимадрит Сава, напишано и испратено на  27 август 1873 годикна. Јазикот на кој му ги пишувал писмата е  македонски народен јазик од тетовското говорно подрачје што е  мошне близок со  современиот  македонски литаратурен јазик: „Милостиви наш благодетељу, господине господине Арсение, молитвуем вас от души! По прво идем само да  ве поздравим и да ви јавим како примих Вашето прелубезно писмо и се научих што ми пишете. Многу смо се засрамиле заради тиа пари, него Ваша милост знаете колку гаилинја ни останаха на наша глава. Милостив бог само. И ако прашате това не е, слава богу от друго нешто, него само от што несмо на  мира…Зашто кољку ми смо нешто грешили, и таја нача грешка мислим ви е исвесно които бил ни пратил, можемо да претерпавамо. Имам многу да ви пишам него немам време. Со друго писмо пространо че ви пишам…И молим немоите да ми замеравате зашто от нози ви пишувам, и така остаем во братствена љубов и молитвуечи у бога Вас Всегда!“

Тетово 1973, август 27- Ваш Теоли  Молитвеник к Богу Па Симеон Па Наумови.