Само 10 минути дружење дневно со своето милениче – маче или куче може значително да го намали стресот, односно хормонот што го предизвикува, покажа истражување во кое учествуваа 294 студенти, а го спроведе Вашингтонскиот државен универзитет.

Статијата објавена во списанието „АЕРА оупен” го образложува намалувањето на нивото на кортизол – хормон на стрес, низ експеримент на реална интервенција, а не во лабораториски услови.

Учесниците во испитувањето биле поделени во четири групи, по принципот на случаен избор. Првата група имала практична интеракција со маче или куче што траела 10 минути. Втората група имала задача да ги набљудува другите што си играле со миленичето. Третата група гледала слики од тие животинчиња во низа, а пак, четвртата група само требало „да чека”, без да учествува или да ги гледа останатите.

Потоа, како и претходно низ целиот ден, стручните лица го испитале нивото на кортизол кај секој од учесниците.

Резултатите покажале дека оние испитаници кои си играле со миленичињата, имале значително пониско ниво на кортизол по таа 10-минутна „задача“, истакнува Патриша Пендри, доцент од Одделот за човеков развој при Вашингтонскиот универзитет.

– Студентите од нашето истражување, коишто непосредно се дружеа со мачиња и кучиња, имаа најголемо намалување на кортизолот, што е основен хормон на стресот, смета таа.

Следниот чекор во испитувањето е спроведување на четиринеделна програма за спречување стрес, со помош на домашни миленичиња.