Италијанскиот премиер Џузепе Конте синоќа соопшти дека претпладнево и официјално ќе поднесе оставка на функцијата, по повлекувањето на партијата „Италија Вива“ (IV) од владејачката коалиција.
Конте за 9 часот го свика Советот на министри, на кој се очекува да ги извести министрите дека поднесува оставка.
Премиерот се надева дека повторно ќе добие мандат од претседателот на Италија, Серџо Матарела, за состав на нова влада, која ќе биде трета од 2018 година, јавија локалните медиуми.
Политичката криза беше иницирана од поранешниот премиер Матео Ренци (2014-2016), кој ја повлече својата мала партија од владеачката коалиција по неколкунеделните критики кон владата за управување со пандемијата.
Ренци со недели ги критикуваше плановите на Конте за користење на средствата од Европската унија за заздравување од пандемијата.