Лидерката на десничарската партија Браќа на Италија, Џорџа Мелони, која според прелиминарните податоци води на изборите во Италија, најави дека ќе ја предводи следната италијанска влада, обидувајќи се да ја намали загриженоста изразена и во земјата и во странство.
-Италијанците испратија јасна порака за десничарска влада предводена од Браќата од Италија. Ќе владееме за сите. Ќе владееме за да го обединиме народот, рече Мелони во синоќешното кусо обраќање пред новинарите.
Според излезната анкета на „РАИ“ се прогнозира дека партијата Браќа на Италија ќе освои меѓу 22 и 26 отсто од гласовите, пред најблискиот ривал Енрико Лета од левиот центар. Неколку излезни анкети и дадоа на десничарската алијанса предводена од Мелони 41 и 45 отсто од гласовите.Мелони уште ја оцени изборната кампања како „насилна и агресивна“.
Коалицијата формирана заедно со другата екстремно десничарска евроскептична партија „Лига“ на Матео Салвини и со конзервативната партија „Форца Италија“ на поранешниот премиер Силвио Берлускони ќе има околу 43 отсто од гласовите, што и обезбедува апсолутно мнозинство во Претставничкиот дом и во Сенатот на италијанскиот парламент.Левичарската „Демократска партија“ на Енрико Лета не успеа да собере доволно гласови за да ја запре екстремната десница и падна под 20 отсто од гласовите поради слабиот одѕив на гласачите.
Излезноста на изборите беше 64,07 отсто од граѓаните со право на глас, наспроти 73,86 процентна излезнос на претходните избори во 2018 година.
Потпретседателката на Демократската партија, Дебора Серакани, ја призна победата на десницата предводена од Џорџа Мелони изјавувајќи дека тоа е, како што рече, „тажна вечер за земјата“.