Руски Газпром денеска ја известил италијанската енергетска компанија Ени дека нема да може да испорачува гас на земјата.
Според соопштението на италијанската компанија, причина е „неможноста за транспорт“ низ Австрија.
„Газпром објави дека не може да ги потврди бараните количини гас поради наведената неможност за транспорт на гас преку Австрија. Затоа денеска протокот на руски гас наменет за Ени преку Тарвиси ќе биде на нула“, се вели во соопштението на компанијата Ени, како што јави агенцијата РИА Новости.
Компанијата соопшти дека ќе даде дополнителни информации „доколку продолжат испораките“, пренесува денеска „Раша Тудеј“.
Според соопштението на Газпром на каналот на Телеграм на компанијата, протокот на гас низ Австрија е прекинат поради одбивањето на австрискиот оператор да ги потврди номинациите за транзит поради регулаторните промени воведени во Австрија на крајот на септември.
„Газпром работи на решавање на проблемот заедно со италијанските клиенти“, соопштија од компанијата.
Мрежниот оператор Гас Конект Австрија засега не се огласи по повод ситуацијата.
Италија добива руски гас преку преостанатата транзитна линија низ Украина. Гасот тече кон Италија откако ќе помине низ Австрија. Други европски земји кои добиваат руски гас преку Украина се Словачка, Молдавија, Романија и Чешка.
Претходно, на веб-страницата на украинскиот оператор за транзит на гас беше објавено дека протокот низ Украина на 1 октомври се очекува да биде околу 41,6 милиони кубни метри.
Од февруари, уделот на рускиот гас во увозот на Италија падна од 40% на околу 18%, а властите велат дека можат да се справат со недостигот што се очекува во зима со користење на алтернативни извори на гориво. Земјата усвои план за заштеда на енергија за намалување на потрошувачката на гас. Во рамките на овој план, грејната сезона ќе се скрати за 15 дена, а температурата при загревање на зградите ќе се намали за еден степен целзиусов.