Уверен дека не ќе бидеме спасени, за последен пат ви испраќам братски поздрави. Спроти карпата каде што сме сега, го оставив во една дупка на ѕидот моето кесе со четири и пол наполеони, една лира и околу 40 гроша.
Овие зборови се дел од писмото кое го напишал војводата Христо Узунов, пред саможртвата што ја направил заедно со 11-мината соборци, на денешен ден пред 114 години во демирхисраското село Цер, кое сега административно припаѓа во Кичево.
Сведок на сликата од овој настан бил Италијанецот Еторе Лоди кој запишал:
„На другиот ден после бојот ја видов во Цер страшната слика што никогаш нема да ја заборавам. Труповите на 11 млади јунаци сите со отворени рани по градите и по челото. Се самоубија, за да не паднат живи во рацете на непријателот. Ми го покажаа војводата. Узунов лежеше прострен на подот со раширени раце, а погледот на неговите мртви и отворени очи гледаше горе, во бескрајот. Од челото уште течеше крв… Ја видов Македонија во тој момент – маченица, велика, непобедива“!
Узунов е еден од плејадата големи македонски револуционери, учител и војвода, роднина на Григор Прличев. Роден е во Охрид, на 22 февруари 1878 година.
Војводата Узунов бил водач на организационото дело во Охридско-струшкиот крај. Како учесник во Илинденското востание, по неговото задушување од страна на османлиските војски, тој останал во Македонија со цел да ја реорганизира македонската револуционерна дејност.
Неговото постилинденско револуционерно дејствување, главно било насочено кон организирање на борбата против туѓата пропаганда во Македонија и разрешување на идеолошките спротивставености и проблеми со кои се соочувала Македонската револуционерна организација.
Во 1905 година, во близина на селото Цер, Кичевско, Узунов и неговата чета од 11 соборци, биле предадени и по жесток отпор тие се саможртвувале за да не бидат живи заробени.
Клучни моменти за разврзувањето на овој настан се настаните што се случувале од 4 до 11 април 1905 година. Во истиот период во Крушевско се наоѓал османскиот жандармериски полк со заменикот командант, поручникот Изрет. Самиот Изрет известува дека од османскиот информатор добил податоци за четата. Иако името на османлискиот доушник останало непознато, тој го известил поручникот Изрет за движењето и бројноста на четата.
Другата верзија е дека војската не ги открила случајно комитите преку својот извидник, туку дека тоа тоа е предавство од самата организација, а во која главната вина се префрла врз Иван Алабакот и Петар Лигушев.
Во овој период од Бугарија со 18 четници ќе пристигне Иван Алабакот кој заедно со Петар Лигушев го преставувале, сарафистичкото крило во Битолскиот револуционерен округ, а Христо Узунов бил противник на истите.
Борбата во село Цер меѓу Узуновата чета и одредите од Крушево и Прибилци започнала утрината на 11 април по стар односно 24 април по нов стил. Четата направила обид да го пробие обрачот, но откако во битката загинале Ванчо Србакот и комитата Наумче, четата се вратила во куќата на Костадиница Стојанова Паунова, која куќа била и погодна за борба. Борејќи се до претпоследниот куршум, Христо Узунов со своите другари последните куршуми ги истрелале во себе си, несакајќи живи да се предадат на османлиските власти.
(Подготвил: Д. Г.)