Италијанскиот премиер Марио Драги поднесе оставка на својата функција неколку часа откако популистичкиот коалициски партнер во владата – партијата Пет ѕвезди ја повлече својата поддршка за неговиот кабинет.
Но италијалнсиот претседател Матарела му ја одби оставката и му порача на Драги да разговара со пратениците и да се обиде да најде ново мнозинство во парламентот.
Доколку Драги не успее да пронајде ново мнозинство, Матарела може да го распушти парламентот и да закаже нови избори во септември. Мандатот на актуелниот парламент истекува пролетта 2023.
Драги, поранешен директор на Европската централна банка ја предводеше владата на национално единство од Февруари 2021-та година.
Политичката криза во третата европска економија по големина ја предизвика лидерот на движењето 5 ѕвезди, Џузепе Конте, кој одби да го поддржи пакетот економска помош за семејствата и бизнисите вреден 23 милијарди евра, обвинувајќи го премиерот Драги не презема доволно мерки да се справи со кризата на растечките трошоци на живот.
Иако владата комотно ја доби поддршката на мнозинството во денешното гласање во Сенатот, премиерот предупредуваше дека без поддршката на движењето 5 ѕвезди не може да продолжи да ја води владата.
Новите парламентарни избори во Италија требаше да се оддржат кон почетокот на 2023-тата година, но по оставката на Драги најверојатно ќе мора да се одржат оваа есен.