Владејачката Социјалдемократска партија на Германија (СПД) почна расрава за исклучувањето на поранешниот канцелар Герхард Шредер од партијата.

Постапката е започната денеска во Хановер, со образложение дека Шредер има пријателски однос кон рускиот претседател Владимир Путин и ја поддржува неговата политика.

– Самиот Шредер донесе одлука дека неговиот финансиски и личен однос со Путин е поважен од неговата партија, рече потпретседателот на СПД Томаш Кучати за весникот „Рајнише пост“.

Барањето за исклучување на Шредер го поднеле 17 членови на СПД.

Расправата за исклучувањето на Шредер се води во седиштето на огранокот на СПД во Хановер, бидејќи поранешниот канцелар доаѓа од редовите на тој огранок.

Шредер беше канцелар на Германија од 1998 до 2005 година.

Од почетокот на војната во Украина, Шредер беше жестоко критикуван од германската јавност, но тој не сакаше да се откаже од своите позиции во руските компании.

Дури откако притисокот стана преголем, тој поднесе оставка од функцијата во Управниот одбор на Роснефт, но не го прекина контактот со Путин и го бранеше тоа пријателство во едно неодамнешно интервју.

– Нема да се откажам од моите можности за дијалог со претседателот Путин, рече тој во интервју за „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“.

Се очекува Шредер да се бори против исклучување од партијата.

Последното исклучување на поистакнат член на СПД беше исфрлувањето на поранешниот сенатор за финансии на Берлин, Тил Сарацин, поради антиисламски објави.