Италијанскиот регулатор за конкуренција на пазарот денеска ја информира јавноста дека го казнил американскиот онлајн малопродажен гигант Амазон со 1,13 милијарди евра поради злоупотреба на доминантната позиција на пазарот.
Амазон и наштети на конкуренцијата во логистичките услуги во интернет трговијата, соопшти италијанскиот регулатор.
Амазон има доминантна позиција на италијанскиот пазар на посреднички услуги и тоа го искористи за меѓу трговците на платформата Amazon.it да ја фаворизира својата логистичка услуга „Fulfillment by Amazon“ (FBA), на штета на логистичките услуги на конкуренцијата, посочија тие.
Истовремено, Амазон дополнително ја зајакна и онака доминантната позиција на пазарот, додаваат од регулаторот.
Компанијата поради тоа е казнета со 1,13 милијарди евра, а регулаторот најави дека ќе и пропише и корективни мерки, чие спроведување ќе го следи специјален комесар.
Амазон не беше во можност веднаш да ја коментира одлуката на италијанскиот регулатор.