Италијанскиот премиер Марио Драги смета дека финалето на Европското првенство во фудбал не треба да се одржи во Велика Британија, како што рече, земја со „рапидно зголемување на инфицирани со КОВИД“.
Вчера Драги го посети Берлин, каде се состана со германската канцеларка Ангела Меркел. На прес-конференција, Меркел ги нарече полните стадиони несоодветни за ЕВРО 2020, додека Драги на прашањето за можноста за пренесување на финалето од Лондон во Рим, одговори:
– Да, ќе работам за да се осигурам дека финалето на УЕФА ЕУРО 2020 нема да се одржи во земја со брзо зголемување на заразени.
Финалето на Европското првенство треба да се одржи во Лондон на 11 јули.
Според последните податоци, бројот на новодијагностицирани случаи на инфекција со коронавирус во Велика Британија се зголемил за 10.633 на ден, починале пет лица. Британските власти планираа целосно да ги укинат ограничувањата за коронавирус по 21 јуни, но поради брзото ширење на индискиот вид, укинувањето на сите ограничувања беше одложено за четири недели – до 19 јули.