Освојувачот на грен-слем турнирот во Вимблдон во 2001 година Горан Иванишевиќ e првиот хрватски тенисер во историјата кој стана член на Куќата на славните.
– Пред 42 години го почнав ова патување од малиот хрватски град Сплит и тоа денеска завршува во Њупорт. Тука е крајот. Ова е остварување на моите соништа. изјави 49-годишниот Иванишевиќ на свечената церемонија
Иванишевиќ во Куќата на славните го внесе легендарниот американски тенисер Џон Мекинро.
– Го сакам Горан Иванишевиќ и неизмерно сум возбуден поради тоа што во Куќата на славните можам да внесам некој за кој слободно може да се каже дека на теренот беше полуд отколку што бев јас. Многупати играв против Горан, многупати го гледав и ги коментирав неговите натпревари и морам да кажам дека секогаш ме држеше на работ на столчето, бидејќи никогаш не знаев што ќе се случи следно, а не сум сигурен дека ниту тој самиот знаеше, рече Мекинро.
Иванишевиќ, од своја страна, рече дека токму Мекинро бил неговиот идол во детството.
-Не мислам дека бев полуд од тебе, но во секој случај бев многу блиску до тоа. Те сакам, го сакам твојот тенис и ти си причината поради која почнав да играм тенис – и да, многу пати те победував, рече Иванишевиќ на церемонијата по повод приемот на нови членови во тениската Куќа на славните во Њупорт.