„Засрами се Љупчо Николовски. Засрами се! Избрка човек како Цветан Трипуновски само зошто не можеш да поднесеш што е таму. Засрами се и сети се што правеше ти кога беше заменски министер. Ништо не сме заборавиле и ова нема да го заборавиме. Избрка од работа професионалец, чесен сопруг и татко на две малолетни деца! Ова ли е животот кој го блаботевте додека ја рушевте Македонија? Вие сте бедни бољшевици и расипани луѓе. Немате ни доблест, ни срам и освен со насилие и злоба, не сте способни да направите ништо! Срам, срам, срам!“, реагира Иванка Василевска на ФБ.
Инаку, претходно генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев на денешната прес-конференција истакна дека му е прекинат работниот однос на Цветан Трипуновски, државен советник во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, поради тоа што е член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ и заради тоа што во име на партијата јавно изразувал сомнеж дека актуелната политика на власта оди на штета на земјоделците.
По ова на социјалните мрежи се огласи и Трипуновски чиј статус ви го пренесуваме интегрално во продолжение.
-Црнилата кои ги донесе СДСМ надвиснаа над секоја пора од нашето општество. Власта преку политички прогон сака да ја умртви секоја критички настроена мисла во Македонија.
На Николовски не му се потребни професионалци кои даваат значаен придонес во подобрување животот на земјоделците, туку потребни му се партиски членови кои ќе му аплаудираат на сите негови погубни политики.
Избркан сум од работа од местото државен советник во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство само и само заради тоа што сум член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и изминатиот период јавно искажував став и сомнеж дека актуелната политика на власта оди на штета на македонските земјоделци.
Во апсурдното образложение за отказот се наведува дека сум бил наратор на прес конференција и како претставник на политичка партија сум нанесувал директна штета врз угледот на институцијата и ја поткопува довербата во администрацијата.
Со ова образложение власта потврдува дека се забранува критиката и различното мислење во институциите, дека апсолутно ниту еден вработен во администрацијата не смее да има различно мислење од Николовски и Заев.Така власта порачува дека во државните институции треба да владее едноумие исто како во диктаторските држави.
Власта наместо најдобронамерно да ги прифати критиките таа ги забранува. Не сакаат јавноста да знае дека земјоделието е клекнато на колена а земјоделците сведени на работ на преживување. Црнилата на власта го достигнаа врвот на нечовечноста. Тие црнила ги осетија производителите на јаболка, сливи, бостан, пченица, зелка, домати, ориз итн. Нема гранка која што не трпи штети од криминогената власт.
Наместо остварување на ветувањата за организиран и сигурен откуп, повисоки цени и нови пазари, донесоа беда за земјоделците. Нема загарантиран откуп, нема нови пазари, а понудените цени за земјоделските производи се мизерни и недостоинствени за маката и трудот на земјоделецот и не им ги покриваат ниту основните трошоци за производство.
Затоа им смета критика, затоа им смета различно мислење. Не сакаат јавно да се зборува за црнилата и бедата кои им ги донесоа на земјоделците. Сакам да им порачам дека репресиите и сеењето страв нема да ме замолчи, напротив тоа ми дава уште поголем мотив за работа, за критика и борба против ова однародена власт. Нема да не заплашите ниту нас ниту земјоделците. Ќе дојде ден кога ќе одговарате за сите злодела и за сета злоупотреба на државните институции кои ги користите за политички пресметки. Ќе се бориме се додека не си заминете, за да може конечно да им се раздени на земјоделците и на сите граѓани и конечно да и се раздени на Македонија, пишува Трипуновски на Фејсбук.