Госпоѓата Богданка Кузеска би ја поканил на некое од моите предавања, со што можеби би ги подобрила нејзините политички вештини, па можеби во иднина нема да прави вакви аматерски грешки, вели доц. д-р Иван Иванов, за кого портпаролката на СДСМ денеска објави и рашири лажна вест, како и за уште едно друго лице.
– Во врска со изнесените невистини од страна на кујната за ширење лажни вести на СДСМ – Социјалдемократски сојуз на Македонија би сакал да посочам на неколку факти. Најпрвин, не сум назначен за член во одборот на МЕПСО, ниту пак во кој било друг одбор, на која било друга институција. Станува збор за сосема друга личност со исто име и презиме. Второ, на госпоѓата Кузеска би сакал да и посочам дека покрај тоа што сум дипломиран политолог како што таа посочи на пресот, истовремено сум и доцент и универзитетски професор по политички науки, па би ја поканил на некое од моите предавања, со што можеби би ги подобрила нејзините политички вештини, па можеби во иднина нема да прави вакви аматерски грешки. Трето, барам извинување од СДСМ на идентичен начин, на прес конференција, онака како што ја изнесоа и лажната вест. Во спротивно следува тужба, објави Иванов, инаку син на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
Кузеска денеска објави дека синот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, како и сопругата на ТВ водителот Богдан Илиевски, биле ангажирани во МЕПСО, што во суштина се неточни и лажни вести.
Нешто подоцна и СДСМ објави соопштение и призна дека рашириле непроверени и неточни информации и побара извинување од јавноста.