Претседателот Ѓорге Иванов, денеска го додели признанието „Повелба на Република Македонија“ на Турската агенција за соработка и координација – ТИКА.
-Признанието се доделува за значаен придонес на ТИКА во унапредувањето на добросостојбата на македонските граѓани и развој на капацитетите на институциите на Република Македонија, како и за унапредувањето на пријателските односи и соработката меѓу Република Македонија и Република Турција, соопшти кабинетот на претсеадтелот.
На церемонијата на доделување на признанието, Иванов потенцирал дека ТИКА во Републикава има инвестирано над 60 милиони евра во 900-тини проекти во областа на здравството, образованието, животната средина, инфраструктурата и во други области. Како едни од најзначајните проекти финансирани од Турската агенција за соработка и координација, македонскиот претседател ги истакна проектите за изградбата на Детскиот ургентен центар и за обновувањето на Одделот за интензивна нега при Клиниката за детски болести, кои беа на иницијатива на сопругата на претседателот, Маја Иванова.
-Оваа „Повелба на Република Македонија“ е едно големо благодарам од родителите и децата, од наставниците и учениците, од сите оние кои ја почувствувале солидарноста на пријателскиот турски народ, преку Турската агенција за соработка и развој. Ова, воедно, е и поттик не само за ТИКА, туку и за многу други организации, институции и поединци, да се вклучат во она што го нарекувам натпревар во добрина, истакнал претседателот Иванов.
Претседателот на Турската агенција за соработка и координација, Сердар Чам изразил благодарност од името на целата агенција и ја истакна честа за доделеното признание.
-Чувствувам многу блискост кон Македонија, кон македонскиот народ и целото население коешто живее тука, и морам да признаaм дека со уште поголема одговорност ќе работам после добивањето на ова значајно признание, истакнал Сердар Чам.