По повод Меѓународниот ден на Ромите денеска претседателот Ѓорге Иванов упати честитка до припадниците на ромската заедница во која истакнува дека одбележувањето на празникот е симболична потврда за почитувањето и поддржувањето на ромската заедница во државата со сета нејзина автентична и богата културна и јазична посебност.

– Ваквото почитување е во духот на нашиот македонски модел на соживот и почитување на достоинството на различноста што не прави посилни и побогати. Но, празникот е и момент на потсетување на неостварените цели. Праведноста и човечноста на едно општество се гледа од односот кон немнозинските заедници. Во изминативе години многу е направено за унапредување на севкупната позиција на Ромите во македонското општество. Но, останува уште многу да се направи за подостоинствен живот на секој припадник на ромската заедница во Македонија. Процесот за натамошно подобрување на животниот стандард на Ромите бара максимален ангажман од македонските државни институции, од академската заедница, бизнис секторот и цивилното општество, се вели во честитката.

Еден од приоритетите, додава Иванов, е преку подигнување на јавната свест да ги искорениме и последните остатоци од предрасудите и стереотипите и наместо нив, да ги вкорениме добрите навики на вклучување и заедништво.