Празниците се денови кога сме заедно со најблиските, кога славиме, кога се радуваме и воздигнуваме. Посакувам во текот на целата година сите граѓани на Република Македонија  да бидат сплотени, да бидат заедно и да ги пребродат сите предизвици со кои се соочуваат во животот. Посакувам се најубаво за сите, да сме сплотени, заедно да мислиме за се она што доаѓа и што го оставаме во наследство за нашите поколенија.

Тоа денеска го порача претседателот Ѓорѓе Иванов, кој заедно со семејството присуствуваше на утринската свечена богослужба во црквата „Свети Ѓорѓија“ во Охрид  по повод празникот Велигден.

-Од ова наше најсвето место, од нашиот православен Ерусалим на сите верници им го честитам овој голем христијански празник Велигден, со традиционалниот поздрав Христос Воскресна – Навистина Воскресна, рече Иванов.

Радосната вест за Христовото воскресение и победата над смртта синоќа на полноќ беше прославена во православните храмови во Охрид, во присуство на бројни верници од градот, земјата и соседните држави.