По завршување на претседателскиот мандат Ѓорге Иванов никако не може да ја продолжи функцијата. Тоа може да се случи само доколку има војна или вонредна состојба во државата, а тоа е сложена постапка за која е потребно двотретинско мнозинство. Затоа граѓаните треба да бидат одговорни за да се обезбеди изборниот цензус што не е толку недостижен, вели во изјава за МИА поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски.
– Иванов во никој случај не може да биде вратен. Ниту Свети Јован не може да го врати на функцијата. Таа комбинација отпаѓа во секој случај. Доколку не се спроведе изборот останува претседателот на Собрание….Не дека тој станува претседател на Републиката, туку ги врши неопходните функции што се за претседателот на Републиката до моментот на повторниот избор, вели Ивановски.
Тоа значи, како што појаснува, дека Талат Џафери не станува и претседател на Републиката и претседател на Собранието, туку во тој период неговите ингеренции во Собранието мируваат и нема право на одлучување. Во однос пак на претседателските функции, тој би ги вршел основните функциите на претседател на Републиката.
Според поранешниот претседател на Уставниот суд, неопходно е од кој било аспект, од уставно-правен, политички или од граѓански аспект, да се постигне цензусот и да се изврши избор на претседател на Републиката.
-Бидејќи првиот круг не ги даде очекуваните резултати, сега е неопходно на последното гласање да се постигне изборниот цензус, што изнесува 40 отсто од вкупниот број на избирачите. Доколку се дојде до најнепосакуваното, односно да не се обезбеди цензусот, тоа значи дека изборите се неуспешни и претседателот на Собранието веднаш треба да распише нови избори што треба да бидат спроведени во рок од 40 дена од моментот на распишувањето, вели Ивановски.
Со други зборови, како што додава, тие рокови се пократки и уставно се утврдени кога од ко јбило основ на претседателот му престанува мандатот.
-Тогаш се оди на избори што мора да се спроведат во рок од 40 дена. Доколку дојде до таква опција, тоа е многу скапо. Тоа значи арчење на народните пари, тоа значи покрај тие девет и овие девет милиони евра од овој напатен народ што значи една голема трагедија. Тоа предизвикува и политичка криза, се разбира, истакнува Ивановски.
Според него, најдобро е да се изврши изборот на претседател.
– Друго решение е да се оди на повторен избор, а трето иако тоа не е решение е да дојде до промена на Уставот каде што ќе се предвиди евентуално избор на претседателот во Собранието. Но, тоа подразбира промена на Уставот, тоа подразбира една постапка дека прво треба да се одреди потребата од промена на Уставот, па потоа да се оди на одлука за нацрт-амандман, па определување оваа одлука да се донесе, што значи еден подолг период на траење на оваа криза, што е апсолутно неприфатливо, додава Ивановски.
Говорејќи за изборниот цензус Ивановски вели дека сегашниот цензус е утврден во Уставот од 2008 година и оти дотогаш бил повеќе од 50 отсто.
– Потоа се отиде на 40 отсто. Така што може да биде и 30 отсто, иако веќе под тоа ниво би било несериозно да се оди на неопределување на никаков цензус. Меѓутоа, доколку се определува евентуално таков цензус, грижата можеби е уште повеќе на сите да не се дојде до тоа, бидејќи и тој цензус мора да оди преку уставна измена, па дали ќе биде намален цензусот или ќе биде избор во Собранието… тоа се рокови, смета Ивановски и додава дека несериозноста би била на политичките партии што допуштиле да се дојде до такво ниво.
Посочува дека тоа повеќе не и одговара на СДСМ како партија на власт, како и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ни на партиите од албанскиот блок.
-Сигурно дека најмалку им одговара на граѓаните, а бидејќи тие се експоненти треба и најмногу да бидат одговорни, да ја чувствуваат таа одговорност и да ги преземат сите мерки, сите дејствија за да се обезбеди изборниот цензус што не е толку недостижен, имајќи предвид дека околу 720-730 илјади и може да се обезбеди во секој случај, нагласува Ивановски.
Потребата од обезбедување изборен цензус Ивановски ја поткрепува и со фактот дека нови избори би значело и нови трошоци од државниот буџет.
-Ние сме релативно сиромашна земја и нас не ни требаат големи свадби, како што досега во еден дел се спроведуваа. Треба да биде економично и рационално, за што треба да се произнесе Собранието, вели тој.
Ивановски смета дека секој општественик, државник и функционер треба да биде одговорен за својата функција.
-Доколку се оди на повторни избори се знае што може да се понуди, се знае и кои се кандидатите, се знае и масата која нив ги избира, се знаат и нашите несериозни политички субјекти кои дозволуваат, така што и покрај тоа што се знаат сите овие работи мислам дека треба да се води сметка секој да биде одговорен општественик, одговорен државник, одговорен функционер на функцијата што истата треба да ја врши, вели поранешниот судија на Уставен суд.