Таван во детска градинка во Скопје паднал, но за среќа тоа се случило викендов кога во објектот немало деца. Фотографии од паднатиот таван се објавуваат на социјалните мрежи, под кои има бројни коментари од револтирани граѓани.

Како што објави пратеникот Антонио Милошоски, станува збор за детска градинка во скопската населба Тафталиџе:

– Среќа во несреќа е што во градинката Мајски цвет (Карпош, Тафталиџе2) таванот паднал за викендов, кога немало дечиња, и нема повредени, ниту жртви. Но, одговорност за ваквата ризична градба, за фушерајот за објект кој згрижува мали деца и за тендерот треба да има. Инаку на увид, градба, отварање за оваа градинка имаше дури 5 настани, една со Заев и Богоев, па потоа Богоев и Царовска, по неколку месеци Заев, Богоев и Шахпаска заедно, сите настани со прес конференции како СДСМ квалитетно гради, и колку добро СДСМ се грижи за децата. И еве го резултатот. Голема несигурност за децата. Голема среќа што таванот паднал за викенд, кога градинката била празна, објави Милошоски на својот профил на Фејсбук.

И други револтирани скопјани коментираа за овој немил настан:

– Фушери и арамии! Да беше градинката полна со деца ќе не имаше повторно по сите медиуми во регионот со уште една трагедија. Само нешто повеќе од година дена измина откако целокупниот врв на СДСМ неколкупати беше таму за сликање, премиери, министри, градоначалник…
Милиони потрошени, за денес за влакно да се избегне трагедија, поради лоша изведба и евтини материјали скапо преплатени. Арам да ви е!- пишува во својата објава на Фејсбук, Тони Јаревски.

Фотографии од овој инцидент, за среќа, само со материјални последици се објавени на повеќе профили на револтирани граѓани на социјалните мрежи. Засега нема официјално соопштение за инцидентот, како и за името на градинката во која се случил.