Сашко Николов и Али Јаоски и официјално се новите градоначалници на Штип и Пласница, со мандат од девет месеци, се до редовните Локални избори во 2021 година. Победата во Штип власта ја прослави со блех музика, а на граѓаните им пропишува мерки да не се групираат поради пандемијата од Ковид-19.
Државната изборна комисија околу еден часот и официјално ги објави резултатите од избирачките места. На изборите за градоначалник гласале 14.240 граѓани. Обработени им беа 79 од вкупно 81 избирачко место, вклучувајќи ги овде и гласачките места во казнено-поправните институции. На овие избирачки места гласале 14.077 граѓани, од кои 11.435 за кандидатот на СДСМ, Сашко Николов или 80,30 % од гласачите, за Симон Поликарп, кандидат на Интегра гласале 1.173 или 8, 24 %, неважечки ливчиња има 805 или 5,65 %.
Николов, кој беше кандидат за градоначалник на СДСМ победа на овие избори прогласи по два часа од затворањето на гласачките места. На прес-конференција во штабот на Градскиот плоштад „Слобода“, први му честитаа лидерот на СДСМ, Зоран Заев, генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски и поранешниот градоначалник на Штип и член на Извршниот одбор на СДСМ, Благој Бочварски.
-Во ова време на пандемија Штип и штипјани покажаа демократија, општествена одговорност и дека ќе продолжи по патот на Европа, по патот во сигурни раце, рече Сашко Николов, објавувајќи ја победата на вчерашните избори за градоначалник на Штип. Тој оцени дека вчера жителите на Штип демонстрирале одговорност и европска политика.
-Покрај сите опструкции коишто ги имавме во времето на овој предизборен молк нашите сограѓани рака за рака денеска си го изгласаа идниот градоначалник на Штип и гласаа дека Штип продолжува по демократскиот пат за европски отворен и безбеден град за сите наши деца, наведе Николовски
Моите сограѓани, посочи Николовски, денеска ми дадоа обврска која што лично ја преземам за да го исправам градот пред предизвиците коишто доаѓаат пред нас. Тоа се рамноправност, тоа е грижа, тоа е потпора за секој еден граѓанин во оваа наша општина.
Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев му посакува успешен мандат на Николов и успешна реализација на сите зацртани проекти, потенцирајќи дека нема сомнеж оти ќе го вложи сиот својот потенцијал за да му помогне на родниот град и да работи за доброто на сите негови сограѓани.
Изборите, оцени, беа успешен и победнички, фер, слободни, демократски и најважно од се, безбедни избори за здравјето.Се заблагодари на штипјани што, наведе, покажале чувство и свест за својот град и општина да продолжи да се развива.
-Македонскиот народ, сите граѓани од Штип од сите етнички заедници има на што да бидат горди. Граѓаните на Штип испратија порака и до бојкотирачот, блокирачот кој повторно избега од својот народ. Граѓаните го казнија неодговорното однесување на раководството на ВМРО-ДПМНЕ кон Штип, кон центарот на македонскиот исток. Кажаа да за напредокот на Штип, да за грижа, одговорност и стабилност. Не за блокадите, не за бојкотот, не за лаги, стравови и хистерии. Не дозволува овој наш народ блокади, кочења, уназадувања, рече Заев.
Според генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски, изборите биле безбедни по здравјето, а граѓаните покажале голема одговорност и сериозност почитувајќи ги сите протоколи, овозможувајќи му на Штип да продолжи по модерниот и по европскиот пат којшто го зацрта Благој Бочварски, којшто со политиките на СДСМ и на Владата навистина даваат значајно влијание за Штип.
-Покажавме дека можеме пресврт да направиме во истокот и со проекти и со капитални инвестиции и со грижа за граѓаните и со враќањето на парите назад кај граѓаните и со сите политики коишто ги преземеме во овој период. Токму затоа расте поддршката на СДСМ во овој регион. Истокот е веќе бастион на социјалдемократијата, треба да сме горди на тоа и да го продолжиме тој пат, наведе Николовски.
Поранешниот градоначалник на Штип и член на Извршниот одбор на СДСМ, Благој Бочварски рече дека пред три години, токму од плоштадот „Слобода“ се прославуваше слободата на Штип.
– Денеска сум исто толку среќен заради тоа што општината ја даваме на вистинскиот човек, повторно на наш другар од Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, од нашата опција. Човек кој ќе се бори и ќе се грижи за нашиот град, за секој проблем, за секој од нас. Но нема да биде сам, овде сме сите ние, вели Бочварски.
Посочи дека направени се проекти кои што 50 години некој ги зборувал, а денеска веќе се реалност и тие продолжуваат да се градат и да се работаат заедно.
Во Општина Пласница вчера правото на глас можеа да го исполнат 4.954 граѓани на девет избирачки места, цензусот за успешни избори беше исполнет вчера во 15 часот, кога ОИК Пласница објави дека на гласање излегле над една третина од вкупниот број на избирачи. Според податоците на Државната изборна комисија, Јаоски добил 1. 696 гласови, а неговиот противкандидат Рамазан Шерифовски 231.
Јаоски најави дека ќе биде градоначалник на сите и оти функцијата ќе ја извршува чесно.
-Во претстојните десет месеци ќе ја продолжам реализацијата на проектите во општината во која е направено многу, а јас тоа ќе го продолжам, изјави Јаоски.
Меѓу приоритеите, како што рече, ќе му бидат инфраструктурата и вработувањето на граѓаните.Лидерот на ДУИ Али Ахмети синоќа во објава на Фејсбук објави победа на кандидатот на неговата партија за градоначалник на Пласница.
-Честитки за победата на кандидатот на ДУИ за градоначалник на Пласница, Али Јаоски, на предвремените локални избори во оваа општина. Оваа победа е потврда на волјата на граѓаните за поддршка на нашите правилни политики за сите граѓани, напиша Ахмети.
Реакција за вчерашните избори пристигна од ВМРО ДПМНЕ. Во соопштението до медиумите наведоа дека излезност од 34,3 проценти е пораз за Заев.
-Кого победи Заев, освен тоа што го загрози здравјето на граѓаните?! Тој организираше мафијашки избори Зоран Заев си го гледа само личниот и партиски интерес. Затоа денес правеше КОВИД кластер во Штип во сред пандемија и 2000 починати.Заев трча да си ја спаси фотељата и притоа не му е важно колку луѓе ќе заболат, а колку ќе починат заради тоа.Денешната среќа на Заев, штипјани ќе ги чини не среќа за некој ден, се вели во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.
Обвинија дека на изборите во Штип се користеле најразлични методи на уцени и притисок, закани и поткуп, а какошто наведуваат само и само да дојде до цензус.
Предвремените избори за градоначалник на Штип уследија по назначувањето на Благој Бочварски за министер за транспорт и врски. Според Општиннката изборна комсија изборите поминале со почитување на здравствените протоколи и без проблеми на гласачките места.