Со помали инциденти и доцнење на отворање на избирачките места почнаа претседателските и парламентарните избори во Демократска Република Конго, соопштија набљудувачите.
Гласачите утрово протестираа пред некои од затворените избирачки места во главниот град на ДР Конго, Киншаса, посебно во делови каде опозицијата е повлијателна.
Според неименувани членови на Изборната комисија доцнењето било поради што не биле доставени на време гласачките списоци.
На време беа отворени 2.853 избирачки места, а затворени или отворени со задоцнување беа 830.
Изборите во ДР Конго повеќепати беа одложувани, а сега се одржуваат кога земјата е зафатена од немири и погодена од епидемија на ебола. Локалните власти во Бени и во Бутембо ги пролонгираа изборите за во март поради епидемијата на ебола.
Двајцата кандидати на опозицијата Мартин Фајулу и Феликс Чисекеди се во претседателската трка заедно со кандидатот на власта Емануела Рамазани Шадари, кој е на мета на санкции на Европска унија.
Претседателот во заминување Жозеф Кабила, кој е на власт од 2011 година, согласно Уставот на ДР Конго, не може повторно да се кандидира за претседателската функција.
ДР Конго е поранешна белгиска колонија, но земјата и понатаму е нестабилна поради присуство на разни вооружени групи и распространетата сиромаштија.
Првите официјални резултати од изборите ќе бидат објавени на 6 јануари.