Косовската полиција информира дека привела четири лица во Северна Митровица, поради непочитување на законите во текот на гласањето за вонредните парламентарни избори во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.

На барање на надлежен обвинител, во едно гласачко место се приведени претседавачот на комисијата и лицето задолжено за идентификување на гласачите, осомничени дека извршиле кривично дело „Злоупотреба на службената должност во текот на избори“.

Според официјалното соопштение, тие дозволиле гласање спротивно на правилата што ги донесе Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово.

Иако не се објавени детали, извесно е дека станува збор за гласање на лица со документи издадени од Србија, што беше барање на најголемата партија на косовските Срби, Српската листа, како и на офцијален Белград. Овие барања беа одбиени од ЦИК, кој наложи дека може да се гласа единствено со косовска лична карта или пасош.

Во вториот случај, две лица се уапсени поради обид да гласаат со фалсификувани косовски лични карти.

Извори на агенцијата КосоваПрес велат дека кај двете лица од српска националност биле откриени повеќе фалсификувани лични карти, а две од нив се обиделе да ги употребат за да гласаат.

Веста за агенцијата ја потврди и портпаролот на косовскта полиција за северниот регион, Бранислав Радовиќ, кој информира дека двете лица се приведени во полициската станица во Северна Митровица.