Народното собрание на Република Српска синоќа го потврди изборот на новата влада на РС на чело со Радован Вишковиќ од Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД).
По целодневна расправа, 51 пратеник гласаа за избор на новата ентитетска влада, а 23 беа против.
Вишковиќ, кому претседателот на РС, Милорад Додик, му го даде мандатот за состав на новата влада, во експозето истакна дека неговиот кабинет ќе ја продолжи политиката на развој во сите области, наведувајќи дека претходната влада постигнала добри резултати со оглед на околностите во кои беа РС и БиХ.
Тој особено укажа на кризата поради пандемијата на коронавирусот и енергетската криза поради војната во Украина.
Вишковиќ нагласи дека новата влада ќе биде за реформи во даночниот и здравствениот систем, како и за јавната администрација, особено за проширување на дигитализацијата, а најави и демографско обновување на РС.
Владата на РС има 16 министерства, од кои десет и припаднаа на СНСД, Социјалистичката партија (СП) доби два ресора, додека ДЕМОС, Народната партија на Српска (НПС), Обединета Српска (ОС) и „БХ Зелени“ добија по едно министерство.
При изборот на нови министри се применуваше критериумот според закон, Владата на РС да се состои од најмалку осум министри од српска, пет од бошњачка и три од хрватска националност.
Опозициските партии во Парламентот на РС не го поддржаа изборот на новата влада на РС, бидејќи, како што наведоа, Радован Вишковиќ нема легитимитет да биде мандатар.