Со 62 гласа „за“ и 51 „против“ во Собранието ноќеска пред полноќ беше избрана новата Влада на Македонија предводена од премиерот Зоран Заев.
Во завршното обраќање пред пратениците Заев рече дека државата, која сега е членка на НАТО и има одлука за преговори со ЕУ, со посветеност и заедничка работа ќе има институции со кои ќе се гордеат сите. Најави целосна посветеност на економијата, јакнење на економскиот стандард, перспективи за младите во приватниот сектор, привлекување што е можно повеќе странски инвестиции.
-Претстои стабилен политички период, одлучна и бескомпромисна борба против сивата економијата, криминалот и корупцијата, ефикасен транспарентен и одговорен правен систем, вети Заев, повикувајќи ја опозицијата на соработка.
Во текот на дводневната расправа пратениците од опозицијата упатија критики до старо новата владејачка коалиција СДСМ-ДУИ за лоши резултати во работењето во изминатите три години во борбата против корупцијата, владеењето на правото, спречување на иселувањето, состојбата во економијата, справувањето со пандемијата со Ковид-19. На новата влада и прогнозираа краток мандат поради кревкото мнозинство, а програмата ја оценија како нереална.
Пратениците од власта истакнаа дека во изминатиот период донеле тешки, крупни и државнички одлуки, во интерес и на граѓаните и на државата, ја отстраниле последната пречка од евроинтеграциски пат, ја внеле државата во НАТО и оти почнуваат преговори со ЕУ.
Вториот владин кабинет на Заев го сочинуваат 19 министри, седум помалку од претходната Влада.
Премиерот има четворица заменици, Љупчо Николовски, кој е избран за вицепремиер за борба против корупција, Артан Груби – прв вицепремиер и министер за политички систем, како и Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија и Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања.
За членови на Владата се избрани: Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши министер за економија, Насер Нуредини министер за животна средина и Јетон Шаќири, министер за информатичко општество и администрација, Аријанит Хоџа – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и Горан Милевски министер за локална самоуправа.
Владината коалиција на СДСМ и другите партии од коалицијата „Можеме“, ДУИ и ДПА, во Собранието има парламентарно мнозинство од 62 пратеника, избрани на предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15 јули годинава.
МИА