Пратениците ги изгласаа законите потребни за целосно да профункционира системот безбеден град: Законите за возила, за полиција, за извршување санкции и за безбедност на сообраќајот. Останува да ги доусвојат уште измените во Законот за прекршоци, кој е во второ читање.
Покрај тоа, предложени се и измени во Кривичниот законик за да се усогласат со пакетот закони поврзани со системот „Safe city.“
Законските измени детално ја уредуваат целата постапка – од констатирањето на прекршокот, до изрекувањето на најстрогите мерки, а доуредуваат и други прашања.
Возачите што трипати ќе добијат забрана за возење, ќе останат без возачка дозвола. За неажуриран телефонски број и имејл во станицата за технички преглед предвидена е глоба. Тоа го предвидуваат законските измени поврзани со системот Безбеден град, кој од 1 февруари треба целосно да профункционира.
Она што е веќе познато во јавноста е дека сторителите на сообраќајни прекршоци ќе добиваат СМС на мобилниот телефон и имејл со записник и фотографија од сообраќајниот прекршок. Ќе имаат право на жалба пред суд, а доколку глобата ја платат во првите осум дена, ќе платат само половина.
Системот во возачките книшки и негативните поени, кој не беше целосно уреден, со законските измени се доуредува.
Од први февруари догодина, возачот што трипати во рок од четири години ќе добие правосилна забрана за управување со возило од иста категорија, ќе остане без возачката дозвола. Судот ќе му ја одземе дозволата, а сторителот на прекршокот нема да смее повторно да полага возачки испит најмалку една година.
Откако судот ќе ја одземе возачката дозвола, одлуката ќе биде испратена до МВР. Потоа, возачот ќе добие СМС или имејл дека дозволата му престанува да важи за осум дена.
Забраната за управување возило што ја определува судот може да трае од еден месец до една година, а податоците за изречените мерки ќе им бидат достапни и на граничните служби.
Ако забраната му е изречена на странец што има странска дозвола за управување возило, нема да смее да вози на територијата на земјава, а за тоа ќе биде известена и граничната полиција.
Законски измени има и во Законот за возила.
Секој сопственик на возило, ако направил промена на телефонскиот број или на имејлот, во рок од три дена, во станицата за технички преглед, мора да ги ажурира тие податоци. Непочитувањето на оваа обврска ќе се казнува со глоба од 100 евра, а санкции се предвидени и за фирмите – во зависност од нивната големина.
Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се воведува толеранција при мерењето на брзината, при што од измерената вредност задолжително ќе се одзема маргината на грешка на мерниот уред. Не е наведено колку е маргината на грешка.
Се забранува управување возило под дејство на опојни дроги и психотропни супстанции, а новите законски правила донесуваат и дополнителни обврски за автошколите – кандидатите за предавачи, инструктори, контролори и испитувачи на сообраќајни правила да полагаат стручен испит за работа пред комисија во МВР.
Законот ги прецизира и зоните со смирен сообраќај, воведувајќи „зона училиште“ и „зона 30“.
Измени има и во Законот за извршување на санкциите и во Законот за полиција.
Новите законски измени не застануваат само на прекршоците, па така предложени се измени во Кривичниот законик. Тие измени допрва ќе се разгледуваат.
Одредбите пропишуваат дека за тешки дела во сообраќајот, судот задолжително ќе изрекува забрана за возење – од шест месеци, па сè до десет години. Наместо можност, како досега, тоа ќе биде обврска за судот.
И не само тоа.
Кривичниот законик му дава можност на судот да го одземе и возилото од сторителот ако сторил кривично дело „загрозување на безбедноста на сообраќајот“, „безобѕирно управување со моторно возило“ и „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, односно доколку сторителот возел со брзина што ја надминува дозволената брзина за најмалку 70 километри на час во населено место или за најмалку 90 километри на час надвор од населено место.
Условот за одземање на возилото е сторителот и претходно да бил осуден за кривично дело против безбедноста на јавниот сообраќај.
Измените во Кривичниот законик пропишуваат и дека учесник во сообраќајот што ќе вози со концентрација на алкохол во крвта од над 1,5 промили, ќе вози под дејство на дроги, психотропни супстанции или прекурсори, ќе вози во спротивна насока на јавен пат, ќе претекне колона возила на непрегледно место или ќе вози со значителна брзина над дозволеното, ќе се казни со затвор од 3 месеци до 3 години, како и со парична казна.
Ваква казна ќе добие и тој што организира, учествува или на друг начин овозможува недозволени трки со возила, како и учесник во сообраќајот што управува моторно возило без положен возачки испит или без важечка возачка дозвола.




