Со 53 гласови „за“ и 26 воздржани, пратениците вечерва ги изгласаа измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести. Законот, чии измени се поврзани со мерките за справување со коронавирусот, беше донесен по скратена постапка.Прифатениот прв амандман во тек на комисиската расправа е поврзан со мерките на Владата за носење маска на отворено, групирање на отворен простор и задолжителна самоизолација во период на тестирање. Се предвидува ова да бидат времени мерки.
Претходно, министерот за здравство Венко Филипче, образложувајќи го законот, истакна дека новите измени на Законот произлегуваат од се поголемиот број регистрирани случаи и преполнување на болниците, како и, како што рече, поучени од искуствата и спроведувањето контрола од претходно пропишаните превентивни мерки.
-Со измените се уредува најпрво начинот на лекување на пациентите во смисла на институциите каде што се лекуваат, што сега е уредено со уредба со законска сила што важи до 31 декември и има потреба да се продолжи и понатаму, со оглед на тоа што е очгиледно дека пандемијата не стивнува, како и зголемување на ингеренциите на инспекторатите во однос на контролата на спроведувањето на новите мерки, рече Филипче.
Тој наведе дека власта и опозицијата на седницата на Комисијата за здравство постигнале консензус за амандманите и ги усогласиле, а тие се однесуваат на задолжителното носење на лична заштита опрема на лицето, во смисла на маска, шал, марама… при излегување надвор од својот дом, задолжително при движење на јавни места, површини на отворен простро, пазари, јавен превоз, како и места каде што може да се соберат повеќе лица во исто време, во државни институции, маркети, банки.
Носењето маска на отворено ќе има исклучоци при спортување на отворен простор, при возење во приватно патничко возило, ако возачот е сам или со лице со кое живее во заедницата, при престојување во двор во семејна куќа со лица од истата семејна заедница, или во угостителски објект каде се применуваат специфичните протоколи за заштита.
-Уште нешто што е веќе уредено со Уредба, е задолжителна самоизолација при тестирање за коронавирусот. По закажувањето на тестот или самото тестирање до добивањето на резултатот секако дека самоизолацијата продолжува ако е резултатот позитивен и забраната за групирање на јавен простор, како и јавни површини во одредени периоди од деноноќието, истакна министерот.
Пратеникот Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ во обраќање на собраниската седница укажа дека благодарение на ВМРО-ДПМНЕ од Законот е избришана мерката за забрана на групирање во домовите. Ова, додаде тој, следи по нашето укажење за повреда на домот и приватноста предвидени во Уставот.
Пратеникот Димитар Апасиев од Левица рече дека ќе гласа воздржано за законските измени и оти „во медицината е дилетант и она што ќе го каже може да биде затемнето со неточности“. Но сепак, рече дека очекува извинување од министерот Филипче кого го нарече „министер за задгробен живот за грешките кои ги направил во менаџирањето во кризата“. Апасиев истакна дека недостасуваат податоци за починатите и дека според него сите се запишуваат како починати од коронавирусот, дека нема транспарентност за употребената терапија на заболените…
Пратеникот Сашко Николов од СДСМ во реплика на Апасиев му посочи дека за пандемијата е лаик и дека не се само во нашата држава зголемени бројките на заразени, туку дека денеска и во, Франција, Холандија… Германија која има околу 15.000 новозаразени. Николов побара продуктивност од опозицијата за, како што рече, народот да добие правец на правилно делување, а не да се делува со напади и смешни изговори.
Во измените и дополнувањата на Законот стои дека Законот за заштита на населението од заразни болести ги уредува мерките за спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел на заштита на населението од заразни болести.