Ковид пандемијата ги смени навиките за купување кај граѓаните. Сè почесто се купува онлајн преку социјалните мрежи кои се преплавени со евтини понуди за облека, апарати за домаќинство и мебел, но чести се и поплаките дека купениот производ не одговара со оној што се нуди, а нема можност ниту да се замени.
Во групите на социјалните мрежи секојдневно може да се најдат поплаки од граѓани дека им бил доставен оштетен или сосема поинаков производ од понудениот, а потоа кога бараат замена или враќање на парите, се блокирани од страна на онлајн продавачот.
Во текот на минатата година, Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ), евидентирала дека околу 15 проценти од вкупно добиените поплаки се однесуваат токму на измамите при онлајн продажбата. Поплаките главно се однесувале на неисполнување на техничките карактеристики, производ во друга боја и големина од бараниот, оштетен производ или, пак, неиздавање на гаранција и упатство за употреба за техничките апарати.
– Во ОПМ секојдневно пристигнуваат поплаки од потрошувачи кои се измамени при онлајн продажбата. Со појавата на КОВИД-19 и сè помасовното користење на онлајн просторот за купување на производи и услуги, кое што е и веќе тренд во последните години, влијае на тоа и потрошувачите кај нас сè повеќе да купуваат преку онлајн продавници, а како резултат на тоа се зголеми и бројот на оштетени потрошувачи кои што се жалат во ОПМ, велат од ОПМ во изјава за МИА.
Проблемот, посочуваат од ОПМ, е во тоа што купувачите не знаат дали купуваат од легални или нелегални онлајн продавници бидејќи на социјалните мрежи секој може да отвори профил. Затоа препорачуваат секогаш кога се купува преку социјалните мрежи, потрошувачите да бидат особено внимателни и да проверат дали онлајн понудата е од регистрирана фирма, дали продавачот нуди можност за плаќање преку трансакција и дали при испораката на производот доставува фискална сметка или сметко-потврда.
– Проблемот е што купувачите кога купуваат преку интернет не знаат дали купуваат од легални или од нелегални онлајн продавници. Најчесто, нелегалните продавници имаат свој профил на социјалните мрежи, телефон, адреса (кои и во најголем случај се непостоечки). При онлајн купувањето, особено доколку станува збор за купување од социјалните мрежи, потребно е потрошувачите однапред да утврдат дали таа продавница е регистрирана фирма, дали има седиште, физичка продавница или пак е регистрирана онлајн продавница, дали продавачот нуди можност за плаќање преку трансакција, преку уплатница во банка и за нарачката им испраќа валидна потврда на е-маил, дали при испорака на производот им доставува фискална сметка/фактура или сметко-потврда. Продавачите кои не се регистрирани не издаваат фискална сметка, гарантен лист, фактура и друга техничка документација за одреден технички производ или бела техника, истакнуваат од ОПМ.
Апелираат граѓаните да бидат особено внимателни при купувањето преку социјалните мрежи затоа што нема механизам со кој би се спречило некој да отвори профил и да нуди производи онлајн. Во случај на злоупотреба на личните податоци на потрошувачот, треба веднаш да се пријави во Министерството за внатрешни работи.
– Кај нас сè уште немаме некој конкретен механизам со кој би се спречиле некои лица да прават профили на социјалните мрежи и да продаваат производи, скриени зад некој лажен профил или назив на некој онлајн шоп. Од таа причина потрошувачите се тие кои што треба да внимаваат при купувањето од онлајн продавниците, бидејќи измамата од овие т.н. фиктивни продавачи кои се застапени на социјалните мрежи е голема и понатаму имаат тешкотии за заштита на своите права. Во случај да им бидат злоупотребени нивните лични податоци, банкарски картички и слично, ќе треба веднаш да пријават во Министерството за внатрешни работи – Сектор за компјутерски криминал и Агенција за заштита на личните податоци, појаснуваат од ОПМ.
Од Министерството за внатрешни работи на прашање на МИА за информација за број на пријави за измама при интернет купување и нелегална продажба од страна на лажни трговци и онлајн страници во изминатите две години, изјавија дека минатата година се регистрирани шест кривични дела „компјутерска измама“ за кои се пријавени пет сторители.
– Во врска со Вашето барање, кое се однесува на податоци за сторени кривични дела „компјутерска измама“ Ве известуваме за следново – Во 2020 година регистрирани се три кривични дела со непознат сторител, а во 2021 година регистрирани се шест кривични дела за кои се пријавени пет сторители, стои во информацијата доставена до МИА.
Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ на прашањето како можат граѓаните да се заштитат при ваквите кривични дела, колку траат процесите и кој е најчестиот исход, вели дека кривични дела преку интернет имало многу малку, односно „скоро и да немало“.
– Нема одговорност, единствено и најдобро да се заштитат е да не ги даваат своите лични податоци и да се ограничат на бројот на луѓе кои навистина ги познаваат, вели Давидовиќ.
Во однос на судската пракса за измами преку интернет трговија, тој вели дека до сега немало посебни предмети.
– До сега имало поплаки за квалитетот и за големината која преку интернет не можете да ја видите, но, некои посебни предмети немало, особено кривични. Кривичните дела преку интернет особено ги нема, немало ни постапки, најчести предмети се оние каде има навреди и клевети кои завршуваат со граѓанска одговорност во граѓанскиот суд, вели Давидовиќ.
Билјана Атанасова Костиќ
Ангела Рајчевска