Албанската владата усвои измени во буџетот за 2025 година, преку нормативен акт за учество во стартапот „Тинкинг Машинс Лаб“ (Machine Thinking Lab) на Мира Мурати.

Според албанските медиуми проценетата вредност за финансирање на иновативниот проект ќе биде 10 милиони долари или 1 милијарда леки.

– Министерството за финансии ја аргументира „потребата“ и „итноста“ за оваа брза промена на буџетот со нормативен акт со фактот дека финансирањето на стартапот на Мира Мурати мора да се реализира што е можно поскоро, наведуваат медиумите.

Според пишувањата на медиумите, досега иницијативата „Machine Thinking Lab“, предводена од Албанката Мурати, успеала да генерира средства во вредност до 2 милијарди долари.

Со оглед на тесните рокови на располагање, Министерството за економија, култура и иновации (МЕКИ), како институција одговорна за иновации, побара од Министерството за финансии да ги обезбеди потребните средства, за да може и албанската држава да стане финансиер во овој иновативен стартап со вештачка интелигенција.

Неопходните 1 милијарда леки за реализација на финансирањето, се обезбедени од дополнителните приходи депонирани во буџетот на Агенцијата за управување со одземени и конфискувани средства (ААПСК), како резултат на доброто финансиско работење на оваа институција.

– МЕКИ тврди дека стартапот предводен од Мира Мурати е еден од најиновативните проекти на глобално ниво во областа на вештачката интелигенција, кој се очекува да донесе придобивки за Албанија, и економски и во однос на имиџот и позиционирањето на земјата во глобалната технолошка заедница. Евентуалното вклучување на албанската држава во новиот албански проект како можност неодамна го спомена премиерот Рама, посочуваат медиумите.

Сепак, оценуваат медиумите, треба да се забележи дека се работи за „sui generis“ случај кога буџетот се менува со нормативен акт исклучиво за да се преземе такво финансирање и без друга причина.

Досегашните измени што биле направени со нормативен акт биле главно за прераспределба на средствата, но секогаш имале најмалку 3 или повеќе причини кои довеле до промена на буџетот.

Мира Мурати (36), поранешна главна технолошка директорка (СТО) на „Опен АИ“ и краткотраен в.д. извршен директор по соборувањето на Сем Алтман во 2023 година, сега ја води својата сопствена стартап компанија за вештачка интелигенција – „Тинкинг Машинс Лаб“ – која планира да собере рекордни 2 милијарди долари основен капитал.

Ермира (Мира) Мурати е родена во приморскиот албански град Валона, а на 16-годишна возраст добила стипендија на колеџот Пирсон во Канада, по што студиите ги продолжила во САД.

Фото: Мурати ФБ