Повеќе од 40 илјади државјани на Косово се откажале од државјанството од 2009-та, односно од кога Косово прогласи независност, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи.

Последните четири години, како што јавува МИА од Приштина, во просек без косовско државјанство останувале по повеќе од 5.000 граѓани.

Заменикот министерот за внатрешни работи, Изми Зека, за телевизијата РТВ21, информира дека во 2014 година од косовското државјанство се избришани 5.158 лица, а во 2016-та бројката е зголемена на 5.871 лице.

– Ослободени од државјанство од 2009 година до сега се околу 40.000 лица. Според анализите на МВР, не се работи само за економскиот аспект, туку и за државјани кои живеат надвор од Косово повеќе од десет години и бараат да си ги средат документите. Исто така, ја имаме и Германија, која не дозволува двојно државјанство, па дел од Косовците одбираат дали сакаат да имаат косовско или германско државјанство. Швајцарија е во тој поглед по либерална, рече Зека.