Израелските министри Итамар Бен-Гвир и Безалел Смотрич повикаа Израел да воведе санкции против Велика Британија поради Фолкландските Острови, додека британската влада се подготвува да објави забрана за трговија со нелегалните израелски населби на окупираната палестинска територија, пренесува Мидл Ист Ај.
– Нема да бидеме прегазена черга за нозете на антисемитска влада во земја освоена од радикалниот ислам, која се обидува да се спаси од економскиот и општествениот пад со напаѓање на Евреите и Израел. Британскиот мандат во државата Израел е завршен, изјави израелскиот министер за финансии Смотрич повикувајќи на протерување на британскиот амбасадор во Израел.
Бен-Гвир, министерот за национална безбедност, на Икс на шпански јазик го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да воведе санкции против Велика Британија поради нејзината „окупација“ на Фолкландските Острови.
– Време е Државата Израел јавно да признае дека Малвинските Острови (аргентинскиот назив за Фолкландските Острови) се аргентинска територија под окупација, која Британците насилно ја одземаат од аргентинскиот народ. Британците не се задоволуваат само со окупирање на територијата; тие таму вршат и ископување нафта и ги крадат парите од аргентинскиот народ. Го повикувам премиерот Бенјамин Нетанјаху да го признае суверенитетот на Аргентина над Малвинските Острови и да воведе санкции против Велика Британија сè додека окупацијата продолжува, додаде Бен-Гвир.
Минатата недела аргентинскиот претседател Хавиер Милеј изјави дека националниот суверенитет на Аргентина бил нарушен и дека неговата земја ќе ги брани своите интереси со сите сили, без разлика кому тоа ќе му пречи.
Аргентина и Велика Британија и двете полагаат право на суверенитет над архипелагот во јужниот дел на Атлантскиот Океан, но огромното мнозинство од 3.600 жители на територијата ја поддржуваат британската власт.
Милеј се закани со санкции против нафтените компании кои ќе се обидат да вршат ископување нафта во близина на Фолкландските Острови, додавајќи дека ветровите на промените ја фаворизираат аргентинската позиција во спорот за островите.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела навести дека нема да ја поддржи Велика Британија доколку Аргентина ги нападне Фолкландските Острови.
Изјавите на Бен-Гвир и Смотрич, според наводите, се реакција на плановите на Велика Британија во вторник да објави серија мерки насочени кон израелските населби, вклучително и забрана за трговија.




