Израел денеска изрази жалење за уривањето на руски авион Иљушин Ил-20 над Сирија, но потенцираше дека вината за инцидентот е на сириската противвоздушна одбрана.
Леталото беше соборено од страна на сириската армија, набргу откако израелски борбени авиони ракетираа ирански позиции во Сирија. Сириската противвоздушна одбрана помислила дека авионот на руската Армија, во кој имало 15 лица, е израелски и стрелале кон него со ракети С-200.
– Израелската армија нападна објект во кој што се произведува оружје за потребите на проиранската група Хезболах. Ова оружје беше планирано да се искористи против Израел и претставува закана за нас. Израел не може да се помири со тоа, соопшти израелската армија во денешното објаснување на инцидентот над Латакија.
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, претходно, го обвини Израел дека и покрај договорот за комуникација во случај на напади во Сирија, Израелците ги информирале Русите само неколку минути пред нивниот борбен авион Ф-16 да стрела врз проиранските позиции.
Поради тоа, според Шојгу, немало доволно време рускиот авион да се заштити од нападот.
Меѓутоа, според израелската армија, целата одговорност е на сирискиот претседател Башар ал Асад и неговата армија.
Во соопштението на израелската Армија се наведува дека нејзините авиони веќе се вратиле во воздушен простор на Израел, кога бил соборен рускиот Иљушин, кој дури подоцна дошол над местото каде што беа извршени ракетните напади.
Руски армиски извори сепак ја обвинија израелската армија дека нивниот пилот и контролата на летови свесно нападнале во близина на рускиот авион и со тоа го довеле во опасност.